Директорот на ЈСП е партиски активист на СДСМ, велат од ВМРО-ДПМНЕ за проблемите во Град Скопје

од Nikola Popovski
72 прегледи

Владеачката ВМРО-ДПМНЕ го вперува прстот во СДСМ за лошата состојба во која се наоѓаат јавните претпријатија под капата на Град Скопје. Тврдат дека директорот на ЈСП е партиски активист на СДСМ и дека „гордо се слика во нивниот централен штаб“. Оттаму, велат од ВМРО-ДПМНЕ, градоначалничката Данела Арсовска е коалиција на СДСМ.

-Тие водеа еден фронт против ВМРО-ДПМНЕ кој беше катастрофално поразен на изминативе избори. Има уште една работа која ќе ги спојува СДС и Данела Арсовска во иднина. И СДС и партијата на Данела Арсовска за која никој не знае како се вика ќе немаат пратеници во Собранието, затоа што ги уништија и Скопје и Македонија, посочуваат од партијата на Христијан Мицкоски.

Ваквата реакција следува откако претходно СДСМ го критикуваше ВМРО-ДПМНЕ. Опозициската партија ги наведува проблемите како „небезбедни автобуси, ЈСП во колапс, скопјани се гушат од запалени депониии кои ВМРО-ДПМНЕ ветуваше дека ќе ги исчисти и јавните претпријатија не функционираат“, кои се клучни за лошата состојба.

Од партијата на Венко Филипче обвинуваат дека ВМРО-ДПМНЕ „не го засега, ниту малку ужасната состојба во градот“.

Низа реакции во јавноста, но и кај вработените во ЈСП Скопје, предизвика автобусот со број 2 кој заврши врз жардиниерите кај ТЦ „Мавровка“, а повредени беа возачот и еден патник. Синдикалците тврдат дека автобусот подолго време имал дефект. Возачите пријавувале, но никој не го поправал. Истиот автобус, иако бил расипан, возел и по кривулестиот пат до Водно. На прес-конференцијата се појави и новиот директор на ЈСП, Драги Кушовски кој е на функција една недела и рече се работи по пропис.

Кушовски беше назначен за директор на ЈСП на 26-ти јуни.

Слични содржини