Горда сум на припадниците на Баталјонот на специјални сили на Армијата за високиот степен на обученост и успешно реализираните показни вежби за изведување на сложени операции на вода и боречки вештини, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по припадниците на Армијата од Баталјонот на специјални сили, кои изведуваат обука во Центарот за обука на вода во Охрид.
-Ова е уште еден доказ зошто Армијата ужива најголема доверба кај граѓаните и има заслужено високи оценки, истакнала претседателката по успешно реализираните вежби.
По пречекот со воени почести, претседателката во придружба на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, беше брифирана за капацитетите на Баталјонот на специјални сили.
На прашање на новинарите за можноста за враќање на обврската за отслужување воен рок, претседателката беше со став дека не би требало да се исклучува можност да им се овозможи на младите луѓе, кои би сакале на доброволна основа, да служат воена обврска.
-Сме имале такво искуство, мислам дека треба да се размислува. Мислам дека тогаш и односот кон армијата ќе биде попозитивен. Треба да се отвори темата, да се разговара, треба да се слушнат аргументите, да се тестира расположението кај луѓето, кажа Сиљановска Давкова.