Се задолжуваме под многу поволни услови, велат од ВМРО-ДПМНЕ за обвинувањата на СДСМ околу заемот од Орбан

од Nikola Popovski
143 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ доцна синоќа излезе со соопштение како реакција на ставот на СДСМ за специјалната економска соработка меѓу македонската и унгарската влада. Според владеачката партија, „СДСМ нема право да зборува за економски прашања кога токму нивната политика доведе до финансиски колапс и задушување на економскиот развој на нашата држава“. Од партијата на Христијан Мицкоски се децидни дека „СДСМ ја задолжи и ја ограби Македонија, ја оставија државата на колена и не оставија никакви дела зад себе“.

Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека Владата, за разлика од порано, цврсто се залага за транспарентност и отчетност во секој свој потег.

-За разлика од времето на СДСМ, кога одлуките се носеа без консултации и транспарентност, ние работиме во интерес на сите граѓани. Обвинувањата за неодговорно задолжување се неосновани и се резултат на дезинформации. Ние се задолжуваме под многу поволни услови, секогаш водејќи сметка за интересите на граѓаните и државата. За разлика од времето кога СДСМ беше на власт и кога каматните стапки беа прекумерно високи, ние постигнавме значително подобри услови за задолжување. СДСМ, додека беше власт ја задолжуваше и ја ограбуваше државата со камати поголеми од 7%, рекоа од партијата, уверувајќи дека Владата напорно работи за да го стабилизира финансискиот систем и да ја врати довербата на меѓународните финансиски институции.

Претходно денеска опозицискиот СДСМ обвини оти премиерот Христијан Мицкоски лаже кога вели дека понудата за заем од половина милијарда евра од Унгарија е најповолна што може да ја добие македонското стопанство. Оттаму посочија оти кредитите од меѓународните финансиски институции се далеку поповолни од позајмицата која ја нуди Унгарија, а токму, како што велат, екскурзијата во која влегува Мицкоски може сериозно да ја загрози соработката на земјава со институции како Светска Банка и Меѓународен монетарен фонд.

Премиерот Христијан Мицкоски и премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, во Вашингтон постигнаа договор за воспоставување специјална економска соработка. По средбата со Орбан, Мицкоски посочи дека економската соработка меѓу Македонија и Унгарија ќе значи безбедност и финансиска стабилност за македонската економија. Сепак наместо најавуваните една милијарда евра, заемот ќе изнесува половина од тоа.

„Во име на оваа соработка, се договоривме одговорните лица, министерствата за финансии на двете земји, веднаш да го започнат процесот во кој унгарската влада ќе и позајми на македонската влада 500 милиони евра, со каматна стапка од 3,25 проценти, грејс период од три години и рок на отплата од 12 години, што е вкупно 15 години“, рече Мицкоски.

Како дел од специјалната економска соработка, Македонија, како што рече, во иднина ќе може да се обрати до Владата на Унгарија за финансиска поддршка.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан му ја честиташе победата на Христијан Мицкоски на изборите на 8-ми мај.

„Очекувам зајакнување на односите меѓу Унгарија и Северна Македонија за доброто на нашите народи“, објави Орбан на социјалната мрежа „Икс“ за вчерашната средба во САД.

Слични содржини