Мицотакис открива: Мицкоски го користел уставното име Северна Македонија пред лидерите на НАТО

од Nikola Popovski
1,2K прегледи

Раководството на Северна Македонија треба сфати дека договорите мора да се почитуваат, истакнал грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во изјава за грчките новинари по завршувањето на Самитот на НАТО во Вашингтон. Тој навел дека ги информирал сојузниците дека македонскиот премиер избрал да не го користи уставното име на земјата.

Сепак, напоменал дека во просториите и во присуство на сите лидери на НАТО, Мицкоски не ја следел оваа тактика и го користел уставното име „Северна Македонија“.

-Имав можност да ги информирам моите колеги за фактот дека премиерот на Северна Македонија избра да не го спроведува клучниот член од Договорот во врска со употребата на ерга омнес и одлуката да ја нарекува земјата „Република Македонија“ во внатрешноста на земјата, што очигледно е изрично забрането со Договорот. Секако, сакам да истакнам дека во присуство на сите лидери на НАТО, тој не ја следеше оваа тактика и го користеше уставното име на својата земја.

Надвор од тоа, верувам дека вака или онака раководството на соседната земја ќе сфати дека оваа тактика е целосно контрапродуктивна. Договорите мора да се почитуваат. Тоа е нешто што го нагласив вчера на Пленумот на НАТО и тоа е нешто што, мислам, го разбираат и сите наши сојузници, одговорил Мицотакис на новинарско прашање од грчкиот јавен сервис „ЕРТ“.

Сакаме Северна Македонија, додал грчкиот премиер, да преземе чекори кон европско пристапување.

-Тоа, сепак, претпоставува почитување на меѓународното право и почитување на договорите што земјата очигледно ги има потпишано. Верувам дека вака или онака ова е нешто што раководството на Скопје ќе го реализира. Во секој случај, Грција во овој момент нема да го открие оружјето со кое располага за да одговори на евентуалната упорност на раководството на соседната земја на оваа тактика, изјавил Мицотакис пред грчките новинари во Вашингтон, пренесуваат грчките медиуми.

Пентагон неодамна испрати порака до двете земји, спорот околу Договорот од Преспа да го остават надвор од Самитот на НATO.

Слични содржини