Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов утрово информираше дека пожарот на планината Серта се уште е активен и тоа на три точки – на територија на општина Штип, општина Неготино и општина Конче. Покрај овој пожар, има уште еден голем пожар на територија на општина Ново Село, во близина на македонско-бугарската граница.
Според Ангелов, рано утрово пристигна меѓународна помош од Турција во вид на еден хеликоптер и два „ер-трактори“.
-Едниот турски „ер-трактор“, заедно со двата „ер-трактори“ на ДЗС се полетани и ќе започнат со дејствување врз пожарот во струмичко Ново Село, појасни Ангелов во видео-обраќање.
Во гаснењето се вклучени поголем број пожарникари, на нив им помагаат и припадници од ловечкото друштво, јавните комунални претпријатија и околното население. Се расчистува пат за да може полесно да се продре до опожарените места, со оглед дека се работи за доста непристапен терен.
-Денес на помош повторно имаме 103 припадника на македонската Армија и 30 припадници од Единицата за брзо распоредување на МВР, додаде првиот човек на ЦУК.
Премиерот Христијан Мицкоски на својата официјална Фејсбук страница, вчера најави дека наскоро пристигнува помош од Словенија, Србија, Турција и Црна Гора за справување со пожарите.
-Се бориме против огнените стихии поради топлотниот бран, истакна премиерот.
Во изминатото деноноќие изгаснати се вкупно 17 пожари. Во околината на Скопје биле изгаснати три пожари, во општина Сарај, кај село Горно Крушопек, во Општина Аеродром, во населбата Долно Лисиче и во Општина Арачиново, во село Арачиново.