СДСМ ја обвини Владата за состојбите со пожарите. Тврдат дека владините институции целосно потфрлиле во справувањето и задоцниле со реакциите. Според партијата на Венко Филипче, било дозволено да изгорат околу 1500 хектари зеленило ширум државата, а само во неготинско преку 1000 хектари на планината Серта.
Пратеникот Миле Талески денеска на прес-конференција изнесе повеќе детали околу пожарот во неготинско.
-Од 9 до 13 јули, месното население, со многу слаба организација и поддршка се бори со огнот за да се спасат селата Пепелиште и Восјанци. За цел тој период, односно 9,10 и 11 јули градоначалникот на Неготино, Горан Стојков се сонча во Грција на одмор. На ум не му паѓа да се врати во Неготино. Тој не е присутен ниту на вонредната седница на советот на 10 јули, ниту за време на формирање кризен штаб. Неверојатна неодговорност на ВМРО-ДПМНЕ, истакна Талески.
Според него, согласно информациите, за прв пат дури на 14 јули започнува реална организација околу гаснење на пожарите, или точно пет дена откако е почнат пожарот.
Талески ја прозва и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
-Во целата ситуација претседателката Сиљановска исчезна и се занимава со протоколарни средби. Се што дознавме е дека Сиљановска не можеле да ја најдат два дена да ги потпише одлуките за прогласување на кризна состојба. Лежерноста и негрижата на ВМРО-ДПМНЕ е реална опасност по здравјето и безбедноста на граѓаните, рече пратеникот, прашувајќи „каде е сега Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ да одржи некој прес од теренот?“.
ЦУК информира дека во последното деноноќие имаше вкупно 31 пожар на отворено, од коишто активни сè уште се 12.
Пожарот на Планината Серта се прошира на две општини – општина Неготино во атарот на с. Калањево (ниска вегетација и шума) и општина Конче, селата Горни и Долни Липовиќ (ниско стеблеста шума – Бор). Од рано утрово веќе се дејствува по активните пожари и со воздухоплови, како засилување на силите коишто гаснат од земја, пожарникари, вработени во јавни и комунални претпријатија, армиски припадници, од доброволни ПП друштва, мештани и од други здруженија на граѓани.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува најдоцна до задутре ситуацијата да биде ставена под контрола.
Во меѓувреме, воведена е целосна забрана за движење во шумите од шест до 20 часот. За непочитување следува казна до 2.000 евра.