ВМРО-ДПМНЕ: Кога беа најголемите пожари, Заев како премиер се сончаше и не дојде во Македонија

од Nikola Popovski
78 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ ја обвини СДСМ дека државата е оставена без пилоти и со стари возила и технички средства, како реакција на претходното соопштение на опозициската партија.

Како што велат од владеачката партија, 7 години двата авиони за гаснење на пожари беа вон функција и без пилоти, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ го промени.

-7 години СДС не инвестираше во возила за гаснење на пожари и во технички средства. 7 години, секое лето државата се пеплосуваше, а СДС не мрдна со прст. Кога беа најголемите пожари, државата доби помош дури од Австрија, а Заев како премиер се сончаше и не дојде во Македонија, наведуваат меѓу другото од партијата на Христијан Мицкоски.

СДСМ излезе со став дека владините институции целосно потфрлиле во справувањето и задоцниле со реакциите. Според партијата на Венко Филипче, било дозволено да изгорат околу 1500 хектари зеленило ширум државата, а само во неготинско преку 1000 хектари на планината Серта.

Пратеникот Миле Талески денеска на прес-конференција изнесе повеќе детали околу пожарот во неготинско.

-Од 9 до 13 јули, месното население, со многу слаба организација и поддршка се бори со огнот за да се спасат селата Пепелиште и Восјанци. За цел тој период, односно 9,10 и 11 јули градоначалникот на Неготино, Горан Стојков се сонча во Грција на одмор. На ум не му паѓа да се врати во Неготино. Тој не е присутен ниту на вонредната седница на советот на 10 јули, ниту за време на формирање кризен штаб. Неверојатна неодговорност на ВМРО-ДПМНЕ, истакна Талески.

Во меѓувреме, овој пожар на планината Серта е најголем досега и уништи огромна површина шума. Пожарот се гаси и од воздух. По Турција, и Србија, Словенија, Црна Гора и Хрватска помагаат за справување со огнените стихии.

Патот Неготино-Штип е единствената одбранбена линија за пожарот да не премине на другата страна и да зафати поголема површина борова шума.

Причината за пожарот е човечки фактор. Екипите на терен при гаснењето откриле наложени дрва на повеќе места подготвени да се запалат и предизвикаат пожар.

Слични содржини