Партијата Левица останува на ставот дека ќе поднесе интерпелација за претседателот на Собранието, Африм Гаши. Ваквата најава се засили по молитвата во законодавниот дом, при одбележувањето на Денот на сеќавањето на геноцидот во Сребреница.
„Остануваме на ставот дека Левица ќе поднесе Интерпелација. Ќе ја поднесеме во прв момент кога ќе биде готова. Нарушувањето на секуларноста во Собранието е само еден момент што на еден начин ја прели чашата, на прекршување на Уставот и законите од страна на спикерот Гаши! – Има барем 5-6 основи по коишто може да се бара интерпелација. Сите тие основи ќе бидат наведени во интерпелацијата и во првиот момент кога ќе биде готова ќе ја пуштиме“, порачал пратеникот Борислав Крмов.
Се очекува по одморот на пратениците, односно во септември, Гаши да се соочи со иницијативата за негово разрешување.
За молитвата на собраниската седница, реагираа сите парламентарни политички партии од македонскиот политички блок, вклучително и коалицискиот партнер во владата на ВЛЕН, ВМРО-ДПМНЕ. Сите се со ист став дека во Собранието не смеат да се организираат религиски обреди, бидејќи Македонија е јасно определена според Уставот како секуларна држава.