Почнуваат разговорите со градоначалниците за начинот на распределба и искористување на парите од заемот тежок 250 милиони евра кој Владата го најави како дел од кредитот со кој ќе се задолжиме кај унгарската Влада.
На вчера одржаната средба со министерот за локална самоуправа Златко Пирински, директорот и деветте градоначалници од Пелагонискиот плански регион според информации на „Локално“, биле отворени низа дилеми, меѓу кои основната била како како ќе се распределат овие средства.
Бројот на населението како критериум, според дел од присутните сепак треба да биде надграден и тоа пред се поради повеќеслојноста и различноста на општините.
„Јас барав да се даде дополнителен интервентен фонд кон помалите општини. Не може да бидеме во иста положба малите општини и поголемите, поразвиени и поурбани општини. Распределбата на парите треба да биде поправедна бидејки секој граѓанин е битен“, изјави за „Локално“ градоначалникот на Крушево, Томе Христоски.
„Сметам дека степенот на успешноста на општините треба да биде еден од критериумите при распределбата на финансиските средства како и капацитетот на општините за одржување на проектите кои се финансираат. Во смисла да не дојдеме во ситуација кога ќе реализираме проект и после една или две години истиот да не функционира и одржува, вели градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев за „Локално“.
Дополнително, на министерот Пeрински му било предочено дека е потребно време за претходна подготовка на проектите и тоа не само со проектна документација туку и со одобренија за градба за да ја почнат и одржат динамиката на работа.
Христоски очекува разбирање за сите барања и дилеми бидејќи, како што вели , целта е заедничка- задоволни граѓани и еконосмки развој на општината, а правилата треба да бидат јасни и да подразбираат дека секој градоначалник ќе биде носител на одговорност каде и како ќе се распределат тие средства.
„На сите ни треба дополнително време затоа што треба да ги повикаме советите и да се се направи ребаланс на општинско ниво. Се уште не се знае дали треба ние да распишеме повици или тоа ќе го направи секое министерство. Се надевам дека ова наше барање ќе наиде на разбирање и ќе се оформи технички тим што ќе ги подготви општините и тие да аплицираат за проектите соодветно, а не да се заглави и да нема реализација на проектот. Второ е како ќе се инвестира, во кои реални проекти. Некои населени места се соочуваат со недостиг на вода а други како да направат пешачки патеки. Затоа распределбата треба да се направи рамноправно, како во рурални така и во урбани општини‘’, вели Христоски.
Јанчев уверува дека инфраструктурните проекти за развој на Кавадарци се веќе подготвени а средствата вели тој ќе се користат рационално и наменски за тоа што е нужно потребно за секој жител на општината.
„Општините најмногу си ги знаат локалните проблеми и потреби и сметам дека градоначалниците ќе ги наменат парите соодветно на потребите на локалото население. Што се однесува на проектот за Кавадарци, ние сме веќе подготовени со инфраструктурни проекти. Општина Кавадарци ќе аплицира со инфраструктурни проекти кои ќе придонесат во развојот на руралните средини и нивно изедначување со урбаните, проекти за изградба на клучни локални патишта, како што е патот Кавадарци – село Дисан кој што е од големо значење, но и осовременување на урбаната инфраструктура преку уредување на Градскиот базен, а исто така и реализација на сообраќајни решенија согласно потребите на бизнис секторот и граѓаните“, вели за „Локално“, Јанчев.
Со новиот заем според дел од градоначалници нема да се надмине ниту пак ублажи хроничниот недостиг од пари на општините. Решението според нив е во повисок степен на децентрализација бидејки само со стабилни приходи а не со помош за општините ќе се надмине зависноста на општините од централната власт.
Ова пак, уверуваат тие ќе ги поттикне градоначалниците на креативност и обезбедување на повеќе сопствени приходи како и реализација на поголем број проекти за благодет на граѓаните.