Ако им се верува на анкетите, во Германија нема лоши возачи. Во исто време, многумина признаваат дека прават грешки зад воланот, покажа новото истражување на германското здружение на возачи ADAC.
Имено, според репрезентативното истражување на членството, 82 отсто од германските возачи се гледаат себеси како добри или многу добри возачи. Само еден од сто изјавува дека вози лошо, а 17 отсто велат дека се во некаков просек, пренесува германската новинска агенција (dpa).
Сепак, речиси половина признале дека згрешиле.
На пример, 47 отсто од испитаниците посочиле дека возат побрзо од дозволеното, секој трет не го држи пропишаното растојание, а исто толку јаде и пие додека вози.
Иако мобилните телефони се забранети во рака, тие ги користат 16 отсто од испитаниците, но дури 35 отсто од помладите возачи, на возраст од 18 до 29 години.
Иако повеќе од четири петтини од испитаниците се сметаат себеси за добри возачи, 77 отсто од нив изјавиле дека барем повремено е небезбедно да се вози на лизгави површини, 75 отсто кога се вози во темница и два од три на дожд или снег.
Испитаниците генерално се согласуваат за тоа што некого го прави добар возач. 89 отсто од нив изјавиле дека се работи за вешто предвидување, 83 отсто ја заокружиле способноста за навремено препознавање ризици, додека 81 отсто од нив вклучиле обѕир кон другите.
Истражувањето беше спроведено во јуни од Институтот Билендо на примерок од 1.000 возачи постари од 18 години. ADAC има околу 21 милион членови.