Интервју со Битиќи: Наместо одржлив економски раст и подобар животен стандард, новата влада се насочува кон краткорочни и политички мотивирани мерки

од Vladimir Zorba
1,8K прегледи

Поранешниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи не штеди зборови на критика во однос на ребалансот на буџетот. Првиот економски тест според него покажува дека Владата не препознава капацитет за приоретизирање на трошоците и нема системски одговор на економските предизвици.

Ваквата економска динамика вели тој, може да не турне во провалија бидејќи ја нарушува стабилноста и одржливоста на системот граден во услови на најголеми кризи.

„Сетоа ова ќе го срушат, ќе го уништат не водејќи грижа за никого. За нив не важат макроекономски правила и принципи. На овој начин се покажува фискална недисциплина и неспособност дефицитот да се одржува во прифатливи граници, односно се загрозува принципот на одржливост со тоа што се поткопува способноста за финансирање на обврските на долг рок. Изгубен е фискалниот маневарски простор и сериозно е намалена способноста на Владата да реагира на евентуални економски кризи, лекција која секоја одговорна Влада треба да ја знае, посебно во услови кога имаме геополитички турбуленции со сериозни економски ризици“, вели во интервју за „Локално“, Битиќи.

Паушални и драматизирачки вели тој се оценките на министерката Кочоска дека економијата е во клиничка смрт. Она што може да биде загрижувачко според него е тоа што во пристапот на Владата, не се артикулира јасна визија и стратегија за развој.

„Ако економијата навистина беше во таква состојба, не би можело да се врши ребаланс на буџетот. За да се врши прераспределба на пари, мора да има средства во буџетот, бидејќи не може да се распределува од празно во празно. Самиот чин на ребаланс покажува дека сепак има пари во буџетот, а дали тие се доволно за да ги задоволат економските аспирации на оваа Влада или други интересни групи е друго прашање“, дециден е Битиќи.

Најавите на владата дека истражните органи ќе имаат многу работа, за Битиќи е заканувачка политичка реторика.

„Овие политички сигнали кои уште од самиот мандат на новата Влада зачестено може да ги видиме, можат да предизвикаат значителна ерозија во економијата. Инвеститорите, и домашните и странските, внимателно ги следат овие сигнали и секоја индиција за економска инфантилност и нестабилност може да ги одврати од вложувања во земјава, да предизвика одлив на капитал и влошување на економските перспективи“,потенцира тој.

Министерката Димитриеска Кочоска не штедејќи зборови на критика посочи дека економијата е во клиничка смрт и дека  е затекната состојба која, како што се изрази, значи држава во хаос и долгови, буџет кој е список на желби наместо креиран развој и предимензионирани плаќања. Колку ваквите оценки можат да влијаат врз понатамошните економски текови, и генерално врз вкупната економска слика?

-Оценките на министерката Кочоска дека економијата е во клиничка смрт и дека државата е во хаос и долгови се паушални и драматизирачки, најверојатно мотивирани од ПР побуди. Ако економијата навистина беше во таква состојба, не би можело да се врши ребаланс на буџетот. За да се врши прераспределба на пари, мора да има средства во буџетот, бидејќи не може да се распределува од празно во празно. Самиот чин на ребаланс покажува дека сепак има пари во буџетот, а дали тие се доволно за да ги задоволат економските аспирации на оваа Влада или други интересни групи е друго прашање. Граѓаните треба помалку да слушаат што зборува министерката за финансии, затоа што тоа не е добро за нивните економски навики, наместо тоа нека отидат на порталот Отворени финансии и сами да видат дека не фалат пари во буџетот.

Она што може да биде загрижувачки во економска смисла е тоа што во пристапот на новата Влада не може да се артикулира јасна визија и стратегија за развој. Наместо да се фокусираат на одржлив економски раст и подобрување на животниот стандард на граѓаните, се чини дека новата влада се насочува кон краткорочни и политички мотивирани мерки, кои имаат за цел, пред сѐ, задоволување на пропагандни политички мотиви и интереси (би рекол дури и странски интереси), а не создавање на предуслови за одржливи економски резултати за бизнисот и граѓаните.

Влијанието на ваквите драматични и лажни оценки врз понатамошните економски текови може да биде значително негативно. Пропагандниот сензационализам  може само да ја зголеми несигурноста кај инвеститорите, кај бизнисот и да ја намали довербата во економските токови.

Претходно, и премиерот Мицкоски рече дека Буџетот е во алармантна состојба и дека недостигаат пари за што како што рече, истражните органи ќе имаат многу работа во следниот период. Дали и каква одговорност можат да утврдат овие органи и воопшто, каде треба да се лоцира вината?

-Оваа изјава на премиерот Мицкоски претставува заканувачка политичка реторика. Наместо фокусот да го држи на економијата, на тоа кои цели и резултати сакаат да ги постигнат со ребалансот на Буџетот, да зборува за тоа како планираат да ја зголемат ефикасноста во управувањето и трошењето на јавните средства, тој се насочува кон тоа да покаже дека нема сензибилитет за правната држава, притоа сугерирајќи дека истражните органи ќе се користат како алатка за политички пресметки.

Одговорноста за евентуалните злоупотреби треба да се утврди низ правна процедура, а не преку политички насоки. Вината може да биде само индивидуална, а не колективна или групна во трошењето на буџетските средства, а премиерот со своите генерализации само се оддалечува од ова, притоа несмасно поткопувајќи го демократскиот принцип на владеење на правото. Индивидуалната одговорност мора да биде во центарот на секое правно дејство, а не политички мотивирани истраги.

Овие политички сигнали кои уште од самиот мандат на новата Влада зачестено може да ги видиме, можат да предизвикаат значителна ерозија во економијата. Инвеститорите, и домашните и странските, внимателно ги следат овие сигнали и секоја индиција за економска инфантилност и нестабилност може да ги одврати од вложувања во земјава, да предизвика одлив на капитал и влошување на економските перспективи. За да се постигне стабилен и одржлив економски раст, а и ребалансот на Буџетот да се движи во таа насока, премиерот Мицкоски треба да покаже системски пристап во прекројувањето на буџетска каса, да води сметка за нивото на ефикасност и ефективност во трошењето на парите на граѓаните.  А за да го направи тоа, прво да го прочита Законот за буџети, а не да се занимава со прашања на правосудниот систем.

Доколку се продолжи со овој тип на политичко поведение при носењето на клучните економски политики, сметам дека ќе се создаде опасност да се истисне слободната пазарна логика од стопанството и бизнисите, како во едни поранешни времиња, да бидат подредени на политички диктат. Важно е економската политика, вклучително и самиот ребаланс, да биде водена од рационални основи, а не од политички интереси и диктати од страна, за кои патем премиерот се обидува да не’ убеди дека е „алергичен“ за едни други надворешно политички прашања (додека и самиот тој договарал во четири очи заем од 500 милиони евра по што веќе го видовме „новиот“ курс на водење политики во рамките на внатрешните одлуки на НАТО алијансата).

Министерката соопшти дека вкупните приходи во Буџетот се планирани на 318 милијарди 150 милиони денари што е за 8,22 милијарди зголемување. Колку е ова остварливо? Колку навистина е во насока на заштита на граѓаните и раст и развој на бизнисот?

-Иако е позитивно да се цели кон раст на приходите, овие проекции мора да бидат поддржани со конкретни економски мерки и реформи за да се обезбеди нивната остварливост, а со тоа да се унапредува животниот стандард на граѓаните и да се развива бизнисот. Но, тука постојат некои ризик фактори за кои се уште не може во целост да се оцени дали новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има капацитет да ги отстрани. Пред сѐ, станува збор за ефикасноста на даночната политика и неопходноста од намалување на сивата економија. Кога сме кај даноците, ВМРО-ДПМНЕ најавува дека Северна Македонија ќе биде меѓу земјите со најниски даноци во Европа. Веќе во владината програма е предвидено  намалување на ефективната даночна стапка на 5% за компании со нето добивка од најмалку 50 милиони евра – мерка за која веќе претходно укажав дека ќе придонесе кон одлевање на средствата од нашиот во буџетот на земјите од каде што потекнуваат тие компании (од 1 јануари годинава преку ОЕЦД, што беше поддржано од 140 земји во светот и Европската унија, се поставија правила за глобален минимален данок од 15 проценти за мултинационални корпорации кои остваруваат години приходи од над 750 милиони евра. Согласно овие меѓународни стандарди, ако данокот се намали на 5%, тогаш разликата од 10% на компаниите ќе им биде наплатена во нивните матични земји, односно една третина од данокот би завршил во нашиот буџет, а 2/3 во буџетот на странска земја).

Што ќе се случува и со другите даночни стапки, сѐ уште не знаеме, а и тешко може да знаеме кога имаме политичка гарнитура која нема навика на предвидлив и системски однос кон економијата. Затоа, мислам дека не треба да се исклучат даночните предизвици во делот на можностите за зголемување на приходите.  Она што може да се согледа е и недостатокот на кадровски и системски капацитети на новата влада за ефикасно справување со сивата економија, што може дополнително да го комплицира остварувањето на овие проекции. Без значителни реформи и ефективна имплементација на мерки за сузбивање на сивата економија, тешко е да се постигне планираното зголемување на приходите.

Во контекст на заштита на граѓаните и раст и развој на бизнисот, планираното зголемување на приходите е позитивен сигнал, но само доколку е поддржано со конкретни мерки и реформи кои ќе обезбедат економска стабилност и предвидливост во нивното спроведување. Без такви мерки, овие проекции може да останат само политички реторики без реална поддршка за граѓаните и бизнисите. Како потсетување, во Собранието стои заглавен (од тогашната опозиција а сегашната владејачка партија ВМРО ДПМНЕ) законот за поддршка на растот на платите во приватниот сектор кој може значително директно и индиректно да влијае врз зголемувањето на приходната страна на буџетот.

А за тоа дека растот на приходите нужно нема да води кон поддршка на бинзисите, зборува и тоа дека со овој ребаланс сведоци сме на една од најнеодговорните одлуки на Владата со која се предизвикува директна штета на домашните компании. Финансиските средства кои се реализираат преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, каде 99% корисници се домашни компании, се кратат за речиси 5 милиони евра. Системскиот и транспарентен начин за поддршка на инвестициите кој го градевме седум години, новата власт за неполн месец почнува да го руши. Минатата година ако исплативме речиси 40 милиони евра по овој основ, годинава компаниите, под власта на ВМРО-ДПМНЕ, може да има и до двојно помалку, само околу 17,8 милиони евра.

Надвор од економската логика со кратењето, не застануваат ни со системскиот ЗФПИ: дополнително кратат и околу 2,5 милиони евра наменети за привлекување странски директни инвестиции и развој на слободните економски зони. Овој однос на Владата кон стопанството, може да се толкува како суптилен начин на создавање на притисок компаниите да почнат да размислуваат да се задолжуваат од 250-те милиони евра, кои се дел од вонинституционалното најавено задолжување од Унгарија.

Со ребалансот се обезбедени 4,1 милијарда денари за плати од кои 1,1 милијарда за блок дотации кои не биле планирани во основниот буџет. Во дел од институциите, како што рече, имало предвидени плати само до јуни, па оттука и прашањето дали, како и зошто бил направен ваков пропуст?

-Ова е повторно драматизирање за наследените состојби со буџетот, обид да се избегне преземање на одговорност на новата владејачка гарнитура. Пропустите, ако ги има, треба да се оценуваат според законските прописи и само врз основа на тоа да се бара одговорност. Важно е да се разгледаат деталите и да се утврди дали има вистински прекршувања или едноставно административни грешки кои може да се корегираат, а не веднаш да се прибегнува кон политичко стигматизирање. Нема никакви пропусти бидејќи  кога го подготвувавме Буџетот за 2024 година водевме сметка дека ќе влеземе во предизборен период, а во кој немавме намера да вршиме поткуп на гласачите. А нивните навики од минатото што им прераснале во перцепции и очекувања за тоа како треба да изгледа еден Буџет во изборна година, само зборува за сериозниот демократски дефицит кај актуелната Влада. Значи, лага е дека имало пропуст, лага е дека немало за плати за јавната администрација. Нормално е после избори да следува ребаланс на Буџетот, а и нормално е во пост-изборен период да се прават ревидирања на буџетските приоритети. А тоа што растот на платите не им е приоритет, да не го користат како причина за измислување на пропусти.

Според нејзината проекција, затекнатата состојба ќе резултира со зголемување на буџетскиот дефицит за 11,156 милиони денари. Ако тргнеме од тоа дека од 2024 до 2028 државата само по основ на камати треба да исплати 1,8 милијарди евра, и дополнителни 300 милиони за линеарното зголемување на пензиите,  дали стануваат  оправдани стравувањата за континуирано драстично зголемување на јавниот долг и неговите евентуални разорни ефекти ?

-Проекциите за буџетскиот дефицит и зголемувањето на јавниот долг се навистина загрижувачки и покажуваат недостаток на одговорност и далекувидност од страна на новата влада. Се предвидува дефицит од фрапатни 4,9% и динамика на зголемување на јавниот долг на ниво од 68%. Ова се економски индикатори кои укажуваат на отсуство на  намера и способност државата да се води кон стабилност и просперитет. Уште на првиот економски тест не се препознава капацитет за приоретизирање на трошоците и нема системски одговор на економските предизвици, па на повидок е економска динамика која може да не турне во провалија. Се нарушува стабилноста и одржливоста на системот кој го градевме и тоа во услови на најголеми економски и енергетски кризи, кога буџетскиот дефицит го намаливме на 3,6%, а јавниот долг го доведовме на ниво од 55%.  Сетоа ова ќе го срушат, ќе го уништат не водејќи грижа за никого. За нив не важат макроекономски правила и принципи. На овој начин се покажува фискална недисциплина и неспособност дефицитот да се одржува во прифатливи граници, односно се загрозува принципот на одржливост со тоа што се поткопува способноста за финансирање на обврските на долг рок. Изгубен е фискалниот маневарски простор и сериозно е намалена способноста на Владата да реагира на евентуални економски кризи, лекција која секоја одговорна Влада треба да ја знае, посебно во услови кога имаме геополитички турбуленции со сериозни економски ризици.

Со овој раст на дефицитот и долгот растат и ризиците по кредитниот рејтинг и довербата на државата, односно може да доведат до намалување на довербата кај меѓународните инвеститори и кредитори. Но ова очигледно не им е грижа, бидејќи премиерот гради вонинстиуционална и во четири очи доверба со Влади кои имаат поинакви политички и економски разбирања од оние на развиените западноевропски држави. Секако, не изостануваат и ризиците по однос на монетарната стабилност, како што се инфлацијата па и девалвацијата на валутата. Со овој раст на дефицитот и јавниот долг, успеваат да создадат множество на реални ризици кои ќе ја поништат и драматично намалат реалната куповна моќ на пензионерите со предвиденото линеарно покачување. Во оваа ситуација, покачувањето на пензиите станува празно ветување.

Со ребалансот растот на БДП претрпе надолна корекција од 3,4 % на 2,1 %, инфлација се планира на ниво од  3,5 % и раст на плати од 13 %. Дополнителни 6 милијарди денари се обезбедени за капитални проекти во општините. Имате ли доза на сомнеж во однос на тоа каде ќе завршат овие пари и што тоа се смнеи во општините па тие за само два месеца станаа способни да реализираат капитални проекти?

-Не само овие 6 милијарди денари, туку и оние 500 милиони евра од задолжувањето во Унгарија, ги нема, не се препознаваат ни во ревидираните надолни проекции на БДП. Станува збор за околу 600 милиони евра кои еуфорично ги најавуваат во јавноста дека директно ќе ги насочат во економијата и ќе донесат бенефит за стопанството и граѓаните, а кои ги нема во нивните загрижувачки надолни макроекономски проекции за растот на БДП. Ова отвора сериозни прашања, на кои треба, пред се’, граѓаните да добијат одговор. Каде исчезнуваат овие пари и зошто не се рефлектираат во проекциите за БДП? Дали владата не верува во својот капацитет да ги реализира овие проекти или пак ефектот од овие средства пропагандно се преувеличува во јавноста?

Дополнително, сомнежите околу проекциите за растот на БДП не произлегуваат само поради економските нереалности на ветувањата, туку и поради сериозните прашања поврзани со корупцијата и неефикасноста на локалната самоуправа, каде што најголем дел од овие финансиски средства треба да завршат. Зголемувањето на средствата за капитални проекти во општините може да звучи добро на хартија, но без ефективна контрола и транспарентност, овие средства ризикуваат да бидат злоупотребени или неправилно искористени. Тука се поставува и прашањето за капацитетот на општините да ги реализираат овие проекти за краток временски период. А за нивниот капацитет и способност, ќе споменам само неколку податоци.

Според Годишниот извештај за 2023 година на Државната комисија за спречување на корупцијата најголем дел од пријавите за корупција од граѓаните се однесуваат на општините. А колку што на сите ни е познато, мнозинството од општините се раководени од актуелната владејачка гарнитура. Дополнителен сигнал за тоа како би се трошеле овие пари дава и истражувањето на Центарот за граѓански комуникации во кое се врши рангирање на институциите според антикорупциските перформанси во јавните набавки, а во кое најслаби антикорупциски перформанси се забележуваат токму во општините раководени од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. Овие општини, кои се во црвена зона со постапките на јавни набавки, сега ќе треба да спроведуваат капитални проекти во вредност од околу 350 милиони евра. Ова е профилот на општините преку кои ќе се развива локалната инфраструктура и ќе се трошат 250 милиони евра задолжени пари и околу 100 милиони буџетски средства. Можеби ова и министерката за финансии го знае, па свесно не ги вкалкулирала ефектите од овие пари во нејзините проекции.

К.В.С.

Слични содржини