Ивановска до ДКСК: По кој критериум користењето велосипед или јавен превоз е оценето како популизам?

од Nikola Popovski
110 прегледи

Изненадува констатацијата дека одењето пешки, возењето велосипед или користењето јавен превоз е чист популизам. По кој основ или критериум оваа наша навика што ја практикуваме и пред и по мандатот е оценета како популизам, вели екс-претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска по прозивките од актуелните членови на Комисијата во однос на превозот што го користеле.

Според Ивановска, денешното соопштение на ДКСК е претставува навреда за сите совесни функционери кои се однесуваат домаќински со народните пари и за сите совесни граѓани кои почитуваат европски вредности и се грижат за животната средина.

-Тоа што немавме дипломатски пасоши и службени автомобили ниеднаш не не спречи навреме да стигнеме и активно да учествуваме на сите сесии од скринингот со ЕК во Брисел, напишала Ивановска во реакцијата.

Околу дипломатските пасоши, членовите на оваа Комисија не спаѓаат во категоријата на лица кои согласно актите што ја регулираат оваа проблематика имаат задолжително право на дипломатски патни исправи, доколку министерот смета дека е потребно, Министерството за надворешни работи има право да издава дипломатски пасоши, соопштија од МНР во врска со барањата за дипломатски пасоши поднесени од шесте членови на ДКСК.

Според МНР, седум барања до Министерството – за претседателката Татјана Димитровска и за шесте членови на Антикорупциската комисија, Антикорупциската комисија поднела во април годинава, а тогашниот министер за надворешни работи, Бујар Османи позитивно одговорил само на претседателката на Комисијата.

Во однос на останатите членови, наведуваат од МНР, „министерот за надворешни работи и надворешна трговија ќе направи дополнителни консултации со цел да се донесе соодветна одлука, односно доколку има оправдани причини евентуално и тие да добијат дипломатски пасоши“.

Како што рекоа денес од ДКСК, дипломатскиот пасош според закон не е привилегија, туку е само право кое служи единствено за извршување на службената должност на членовите на ДКСК и тоа право никогаш нема да се употребува за приватни цел.

Антикорупционерите велат дека ова право им го дозволува Законот за патни исправи на државјани на Република Северна Македонија во членот 11 каде се наведува дека „дипломатски пасош се издава на избрани и именувани лица, раководни државни службеници и раководни работници во државните органи“ итн.

Тоа што претходниот состав на ДКСК штедел пари на граѓаните, според сегашните антикорупционери, е популизам. Сметаат дека возењето велосипеди или одењето со автобус на работа е чист популизам, со што се напаѓа претходниот состав на комисијата.

-Дополнително поранешната претседателка во јавноста беше присутна со паушални поединечни изјави за секакви случаи без претходно да се провери документацијата и да се направи проценка дали има основи за отворање на предмети. Ваквиот начин на работа не треба да биде мерило за успешност или можеби треба бидејќи факт е дека на претходната ДКСК за цел мандат и беа прифатени исклучително мал број на иницијативи за поведување на постапка за кривично гонење од страна на Јавното обвинителство, стои во нивната реакција.

Антикорупционерите ги негираат и информациите дека побарале доделување на службени автомобили.

Слични содржини