Европската фудбалска федерација (УЕФА) покрена постапка против шпанската ФА откако капитенот Алваро Мората и соиграчот Родри скандираа „Гибралтар е Шпанија“ за време на прославата во Мадрид по освојувањето на Европското првенство.
УЕФА ќе го „процени потенцијалното прекршување на дисциплинските прописи“, соопшти Европската фудбалска федерација.
Претходно, Фудбалскиот сојуз на Гибралтар испрати официјална жалба до УЕФА, оценувајќи дека прославата на шпанските фудбалери е „крајно провокативна и навредлива“, наведувајќи дека „во фудбалот нема место за вакво однесување“.
Шпанија во финалето на ЕП ја победи Англија со 2:1. Прославата на титулата се одржа пред десетици илјади шпански навивачи на плоштадот „Сибелес“ во Мадрид во понеделникот, а Мората и Родри ги повикаа навивачите да се придружат во скандирањата „Гибралтар е Шпанија“.
Гибралтар, член на УЕФА од 2013 година, е енклава во јужна Шпанија која е под британска власт од 18 век, но Шпанија долго време бара нејзино враќање.