Стопанствениците треба да имаат важна улога во менаџирање на најавениот заем од Унгарија во висина од 250 милиони евра, наменет за бизнис секторот. Овој став од Организацијата на работодавачи го поткрепуваат со фактот дека со средствата кои им се нужно потребни, од една страна бизнисот ќе го зголеми обртот на парите а од друга страна ќе се зголемат приходите во државната каса.
Нормално е да се очекува кога Владата учествува со сопствени средства во подобрување на работењето на компаниите, исто така и тие да дадат свој придонес. Можеби размерот на заедничко учество треба да биде поместен, односно да биде изедначено финансиското учество на двете страни, бидејќи на крајот и двете страни ќе го почуствуваат резултатот од овој финансиски инпут, компаниите ќе имаат поголеми приходи, ќе обезбедат нови работни места, а со тоа ќе се слеат преку даносите и средства во државната каса, но и ќе се намали бројот на лица кои денес се на терет на државата. Реализирањето на целите кои ги поставила Владата може да бидат предизвик за сите нас, но не и неможно остварливи. Потребни ни се сигурни услови за стопанисување, сигурни пазарни услови, пристап до квалификувана работна сила (што е денес можеби најголем предизвик) и ефикасно управување и стратегија во менаџирањето, вели во изјава за „Локално“, Владанка Трајкоска од Организацијата на работодавачи.
Иако сеуште не се прецизирани многу детали кои се однесуваат на овој заем, стопанствениците велат дека парите им се нужно потребни за инвестирање во нови технологии, опрема и материјали, во ликвидност односно подобрување на кеш-флоу на компаниите, за освојување на нови пазари но и за маркетиншко засилување.
„Стопанството има потреба некој да ги чуе неговите потреби, да му се олесни процесот на работење, да има поголема продуктивност. Доколку оваа Влада сака да ги чуе работодавачите, ќе имаме успешна соработка. Она што е важно да го знаеме какви ќе бидат условите на кредитот, дали Владата ќе субвенционира дел од овој заем, односно дали средтвата ќе имаат неповратна клаузула, бидејќи како што се споменува компаниите ќе бидат условени со нивен финансиски инпут. Влијанието на овие заеми врз компаниите ќе зависи од нашата способност за нивна ефикасна употреба и актуелните услови на пазарот“, децидна е Трајкоска.
Во однос на скепсата која ја изрази премиерот Мицкоски, за начинот на кој досега се давале кредити на стопанството, Трајковска смета дека треба да се земат предвид тешкотиите со кои се соочува бизнис заедницата.
„Секој оној кој се обратил за заем или кредит, секако имал потреба од тоа. Дали тие средства биле адекватно алоцирани, не е наша обврска, туку на институциите да утврдат. И до сега се нудеа одредени наменски кредитни линии кои стопанството ги користеше. Прашањето е дали тие средства беа доволни, соодветно наменети и вродија со плод, односно дали компаниите ги зголемија своите финансиски очекувања. Истовремено, компаниите имаа одредени потешкотии при добивањето на овие кредитни линии: малите компании се соочуваа со немање човечки ресурси за подготвување на апликации, недоволна информираност, строги регулативи, недостаток на обезбедување, неможност да се исполнат условите дадени во барањето за апликација, временска рамка за аплицирање, но и за добивање видливи резултати од дадениот заем“, објаснува Трајкоска.
Она што досега се знае во врска со заемот од Унгарија е дека ќе се подготвува посебен закон со уредени критериуми . Според она што беше во неколку наврати потворено од Владата, бизнисмените од сопствени средства ќе треба да инвестираат толку колку што ќе земат заем, годишно ќе треба да креираат нови 5000 работни места и да обезбедат раст на производството за 5 % повисоко од стапката на инфлација. Каматата на заемот ќе биде 3,25 % , тригодишен грејс период и 12 години отплата на кредитот.
К.В.С.