Левица: Финансиска полиција во „Кромберг и Шуберт“ поради сомнение за проневера на милионски суми

од Nikola Popovski
301 прегледи

Неколку дена во фабриката “Кромберг и Шуберт” е присутна финансиска полиција поради сомневање за проневера на милионски суми. Криминалниот ланец помеѓу управата во најпрофитабилниот германски гигант во Македонија долго време функционирал беспрекорно, обвинија од Левица преку соопштение.

Како што наведуваат од партијата, моментално се отпуштени неколку лица од директориумот и се под строг финансиски претрес поради проневера на финансиски средства, кои требало да завршат кај вработените како бонус.

-Овие лица криминално се богателе, додека работниците на пеколни температури се масовно експлоатирани, дискриминирани и оштетени за профитот на поединци. Финансиската полиција започнува да врши истрага за сите инволвирани кои го изработувале финансискиот дел за вработените во Битола, Скопје и Србија. Информациите кои пристигнаа до нас тврдат дека се вршела проневера на пари преку хотелиерски услуги, помеѓу склучени договори за престој на вработени во фабриката во Скопје кои доаѓале од Битола, тврдат од партијата на Димитар Апасиев.

Претходно Левица испрати претставка до Трудов инспекторат поради дојави за кршење на работничките права, каде вработените билс приморани да работат повеќе од законски дозволеното. Најавуваат дека по завршувањето на истрагата, граѓаните ќе имаат информација, со име и презиме, кој се богател врз, како што велат, потта на обичниот работник.

Тогашната Влада потпиша договор со германската компанија „Кромберг и Шуберт“ во декември 2011, а две години подоцна, во октомври 2013 беше отворена фабрика за производство на кабли за автомобили лоцирана во индустриската зона Жабени, близу Битола. На отворањето присуствуваше тогашниот премиер Никола Груевски и таму тој најави дека фирмата првично ќе вработи околу 2.500 работници.

Слични содржини