Седум пожари се уште се активни и седум се под контрола, а 15 пожари се целосно изгаснати, информира првиот човек на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Во моментов, најголем пожар за справување е оној на планината Серта.
Утрово повторно е активен и пожарот кај гордниот дел од Криволак, во насока на реката Брегалница. Ангелов соопшти дека група доброволци и ловци успеале да го совладаат кракот кој што прескокнал преку земјениот пат. Сепак, се уште постои жешка точка повторно да се прошири и оттаму се испратени дополнителен број на луѓе. Во текот на денот ќе се активираат и хеликоптерите.
На територијата на Македонски Брод кај селата Брезница и Тажево исто така ќе се дејствува со воздухоплови.
Ангелов вели дека денеска на располагање го имаат црногорскиот хеликоптер, како и домашните ресурси во вид на трите ер-трактори на ДЗС, двата армиски и трите полициски хеликоптери.
-Денес состојбата е подобра од вчера, но со покачувањето на температурите, таа може да се случи. Може утре и задутре да очекуваме дожд. Нашата основна цел е денес да ги држиме пожарите под контрола, кажа меѓу другото Ангелов во видео-обраќање.