Прв пат во Италија: Обновливите извори произведоа повеќе електрична енергија од фосилните горива во првата половина од годината

од Vladimir Zorba
38 прегледи

Првата половина од 2024 година во Италија беше одбележана со важно достигнување на полето на енергетската транзиција.

Имено, како што покажуваат податоците на компанијата „Терна“, која управува со националната преносна мрежа, производството на електрична енергија од обновливи извори го надминало производството од фосилни горива.

Ова е прв пат да се случи такво нешто по шест месеци. Обновливите извори покриваа 43,8% од побарувачката – историски рекорд на полугодишна основа.

Во однос на истиот период лани, обновливите извори произвеле 27,3% повеќе електрична енергија, пред се благодарение на хидроелектраните на северот од земјава. Овие постројки постигнаа рекордни резултати, обезбедувајќи за италијанското население и индустрија речиси 26 милијарди киловат-часови, што е за 65% повеќе отколку од јануари до јуни претходната година.

Од друга страна, фосилните горива – одговорни за затоплување на планетата – доживеаја пад од 19%. Најзначајно намалување беше производството во термоелектраните на јаглен.

Дел од енергетските потреби се задоволуваат од увоз и размена со странство.

Во набљудуваниот период, оперативниот капацитет на обновливите извори се зголеми за 3.961 мегавати, вклучувајќи ги и соларните централи со моќност од 3.341 мегавати. Годинешниот напредок во енергетската транзиција е поголем за 1.074 мегавати во однос на 2023 година.

Заклучно со јуни, земјата има 46.321 мегавати инсталирани соларни електрани и ветерни електрани.

Според „Терна“, во изминатиот месец повеќе од половина од потрошувачката на електрична енергија покривале обновливите извори (52,5%), од кои најголем придонес имаат хидроцентралите (46,8%), потоа соларните електрани (30,8%) и ветерните електрани (10%).

Овогодинешните достигнувања се само еден чекор поблиску до ревидираната национална цел 63% од електричната енергија во Италија да доаѓа од обновливи извори до крајот на деценијата. Земјата потоа планира да постигне јаглеродна неутралност до средината на векот.

Слични содржини