Тошковски ја објави имотната состојба, поседува стан и деловен простор во Центар

од Nikola Popovski
103 прегледи

Покрај Игор Јанушев, со реакција на прес-конференцијата на СДСМ, се огласи и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски откако беше прозван дека има стан и деловен простор на истото земјиште во центарот на Скопје, за кое што, од опозицијата обвинија дека генсекот на Владата го добил како подарок.

Тошковски ги демантира информациите на Богданка Кузеска од СДСМ и порачува дека уште на 4-ти јули месецов, во законски утврдениот рок, до Државната комисија за спречување на корупцијата доставил изјава за неговата имотна состојба.

-Одговорно тврдам дека надвор од она што е наведено во изјавата за имотната состојба не поседувам ништо друго. Ги повикувам институциите детално да го проверат мојот имот, но и имотот на секој актуелен и поранешен функционер, особено на оние кои целиот свој живот се на товар на државниот буџет. Упатувам порака до СДСМ да престане со лаги и манипулации. Транспарентноста и одговорноста се клучни за градење на доверба меѓу институциите и граѓаните. Време е вистината да излезе на виделина, стои во објавата на првиот полицаец во државата.

Доколку се погледне во имотната состојба на Тошковски, ќе се забележи дека недвижниот имот во Центар е со истата квадратура за што претходно обвинуваа од СДСМ.

Со реакција се јави и генералниот секретар на Владата. Истакна дека не постои подарок во вид на земјиште, туку погрешно внесени податоци за што веќе е направена и корекција од негова страна.

Веднаш стигна реакција од „Бихаќка“ од каде порачаа дека „ова дава ново светло на скандалот со подарокот од 325.000 евра“.

-Сега Тошковски треба да одговори каков заеднички бизнис имале двајцата? Како се поврзани подарокот на Јанушев од 325.000 евра и имотот на министерот Тошковски во зграда во центарот на Скопје, прашаа од СДСМ, велејќи дека овој случај потсетува на една друга зграда, каде порано имаа станови неколку високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои беа стекнати на многу сомнителен начин.

Слични содржини