Докторот и поранешен директор на Клиниката за токсикологија, Нико Беќаровски преку објава на својот Фејсбук профил предупредува дека растението познато како „змиско грозје“ кое се рекламира како лек за рак може да биде опасно.
Истакнува дека овие два дена, социјалната мрежа е преплавена со наводниот чудотворен лек за рак, произведен од коренот на ова растение.
Според Беќаровски, ова се медицинските факти:
-Сите делови на ова растение, вклучувајќи го и коренот се ОТРОВНИ поради високото ниво на ОКСАЛАТИ.. Отровот триглохинин е цијаниден гликозид кој го содржи ова растение. Најотровен дел на растението е плодот.
При долготрајна термичка обработка, најголем дел од отровот се уништува, но сепак не се елиминира комплетно. При внес на само 3-4 бобинки се јавува изразито жарење, болки во стомакот, алергиски манифестации, проливи итн, стои во објавата на д-р Беќаровски.
Змиско грозје, варова вода, петролеј, масло од канабис, различни алги, билки, сирупи од тревки, витамини, антиоксиданти… Листата е долга, а секој пациент болен од рак од неа бара лек за кој се надева дека ќе му помогне да го победат ракот и да го продолжат својот живот колку што можат повеќе. Не е мал бројот на луѓе кои покрај класичните медицински третмани, спас бараат во лечењето со алтернативни препарати, па без доволно податоци и врз основа на тоа што може да го прочитаат од искуствата на некои други пациенти на интернет, се одлучуваат и тие на тој чекор.