🎥 Бајден: Одбраната на демократијата, која е под закана, мислам дека е поважна од која било функција

од Илинка Илиоска
26 прегледи

Американскиот претседател Џо Бајден синоќа за првпат ѝ се објави на нацијата, три дена откако објави дека се повлекува од изборите за претседател на САД и откако ја поддржа актуелната американска потпретседателка Камала Харис како кандидат од редот на Демократите во претседателската трка.

Актуелниот претседател истакна оти ја подава диригентската палка на помладите генерации бидејќи верува оти тоа е најдобриот начин за обединување на нацијата. Во говорот што го означи како почеток на последното поглавје од половина век во јавната служба, Бајден рече дека обединувањето бара жртва на личните амбиции.

„Одбраната на демократијата е поважна од која било функција. Црпам сила и наоѓам радост во работата за американскиот народ. Ја почитувам оваа функција, но повеќе ја сакам мојата земја. Ми беше чест во животот да служам како ваш претседател. Но, одбраната на демократијата, која е под закана, мислам дека е поважна од која било функција. Одлучив дека најдобриот начин е да ја префрлам палката на новата генерација. Тоа е најдобриот начин да ја обединиме нашата нација“, посочи Бајден во обраќањето од Белата куќа.

Иако во својот говор не го спомна по име кандидатот на Републиканците и експретседател на САД, Доналд Трамп, Бајден оцени оти Американците мора да изберат дали сакаат да чекорат напред или да се уназадуваат, дали ќе изберат надеж или омраза, единство или поделеност. Оцени оти изборната година е еден од ретките моменти во историјата кога одлуките што се носат ја одредуваат судбината на нацијата и светот во наредните децении.

„Големата работа во Америка е што тука не владеат кралевите и диктаторите. Луѓето владеат. Историјата е во ваши раце. Моќта е во ваши раце. Идејата за Америка е во ваши раце“, рече Бајден.
Додаде дека во наредните шест месеци од својот мандат ќе биде фокусиран на извршување на својата работа како претседател, а говореше и за потпретседателката Камала Харис, која обезбеди доволна поддршка од делегатите за да стане кандидат на Демократската партија на претстојните претседателски избори во САД.

„Камала Харис е искусна, силна, способна. Беше неверојатен партнер и лидер на нашата земја. Сега изборот зависи од вас, американскиот народ“,рече Бајден.

Бајден своето обраќање го заврши изразувајќи надеж оти граѓаните на САД знаат колку е благодарен за привилегијата да биде нивен претседател. Подоцна во Овалната соба му се придружија првата дама Џил Бајден и другите членови на неговото семејство, вклучително и неговиот син Хантер Бајден.

Слични содржини