„Станете браќа, станете!“ одекнуваше со недели врисокот на некои чудни ликови и анонимни пејачи по улиците околу Собранието на партиските митинзи на вмро-дпмне (понатаму во текстот дпмне мицковистичко). Со недели како во делириум се влечкаа илјадници луѓе речиси секоја вечер на протестни маршови од Владата до Собранието со извици „НЕ“ и маички во разни бои на кои пишуваше „НЕ“ за ЕУ-Францускиот предлог во кои е предвидено да се впишат и Бугарите во Уставот односно Бугарското малцинство или делови од Бугарскиот народ во Македонија, согласно уставната терминологија. Се сеќаваме на огнените „патриотски“ говори на знајни и незнајни борци против „бугаризацијата“ т.е. Бугарите во Устав, посебно од оној сегашниот службеник кај Гордана Претседателката. Најавуваа дека нема да заминат додека не се повлече предлогот, блокади на улици и автопати (во практика им траеше само еден ден и тоа само неколку часа на една бензиска пумпа), на нивните т.н. телевизии а всушност партиски билтени секојдневно дефилираа здодевните пропагандисти на дпмне мицковистичко со решително „НЕ“ за Бугари во Устав. На дрвената гајба која некои ја нарекувааа бина се слушаа бројни предвидувања за национална катастрофа ако има Бугари во Устав, егзалтирано дочекувани со патриотски и воинствени извици на уморните членови на дпмне кои по жештините се влечкаа секој ден по неколку километри понекогаш доведувајќи ги и во физичка опасност бидејќи нивниот лидершип не ги пријавувале маршевите во полиција па немало обезбедување на истите, како што беше инцидентот кај ТЦ Мавровка. Водачите на дпмне носеа големи ичкртани платна на кои пишуваше НЕ за Бугари во Устав, најавуваа дека ќе продолжат со блокади на улиците и протести се до повлекување на ЕУ-Францускиот предлог. За тоа време, во Собранието нивните пратеници носеа исти такви маички на кои пишуваше НЕ, еден мошне чуден лик дури се обидуваше на говорница буквално да го запали договорот односно предлогот за Бугари во Устав, онаа со становите го кинеше на говорница итн.
И се така со денови и недели, додека едно утро Македонија се разбуди и беше шокирана – мистериозно ја снема дрвената гајба односни бината од која бескомпромисно се викаше против Бугари во Устав! Наеднаш ги снема патриотите мициња односно наивните и послушни членови на дпмне мицковистичко, како во земја да пропаднаа. Го снема озвучувањето, маичките, транспарентите – ги снема мицињата, ниту еден не остана на улиците околу Собранието. Сите зачудено па и загрижено се прашувавме каде се чуварите на Македонштината, зошто наеднаш исчезнаа после таква масовна хистерија, што им се случило на илјадници горди мажишта патриоти кои беа на последниот браник на државата, кои беа чувари на Македонското битие и достоинство, непробоен бедем пред застрашувачкиот процес на бугаризација и обезличувањето на историскиот колективен идентитет како што велеа оние кои на скопската жештина беа со недели, кои храбро и пркосно се колнеа – НЕ за Бугари во Устав. И додека цела Македонија се чудеше, одговорот наеднаш дојде преку фотографии а подоцна и преку штуро официјално соопштение – Мицкоски се сретнал со Урсула фон дер Лајен во ЕУ зградата во Скопје! И енигмата беше решена, тајната откриена, загатката – одгатната, ете зошто ги снема комитите и војводите! Тоа беше шок! Каква само духовна и морална катаклизма дпмне членовите патриоти доживеаја кога мораа да си ги соберат парталите т.е. транспарентите и да си заминат по дома, оти нели, нивниот лидер се видел со Урсула. Дури и жално беше да се гледа тоа! Каков срам беше тој ден за историското наследство на ВМРО – со само еден разговор да се запре вековниот непокор и агон на славното ВМРО и уште една нивна борба за Македонија! Што му кажала Урсула на нивниот не знаеме, но знаеме дека после средбата, послушните дпмнеовци демек патриоти си заминаа по дома, го напуштија бедемот на Македонија, одбраната на историјата и гордоста на Македонија, го напуштија народот Македонски кои го бранеа од Бугарите во Устав. Ја напуштија самата идеја „НЕ за бугари во Устав“, како што тоа секому му беше јасно, освен можеби токму на тие кои со недели врескаа и се потеа марширајќи по жешкиот скопски асфалт.
Од тој фамозен ден – денот кога нивниот војвода Мицкоски ја виде Урсула и ги прекинаа протестите, прашање беше само каков ефтин и глупав пропаганден трик ќе смислуваат оние од масивната медиумска машинерија на дпмне мицковистичко за да го „оправдаат“гласањето за Бугари во Устав односно како нивното гордо НЕ да стане големо гордо ДА – за Бугари во Устав. Прашањето беше на кои начини ќе се обидат да го релативизираат до вчера „бескомпромисното и одлучно НЕ“ и како и овојпат повторно да ги излажат припростите, неинформирани, наивни и полуписмени партиски членови и симпатизери т.е. гласачи. Можностите беа редуцирани затоа што, објективно гледано, такво брзо повлекување на комитите од бедем, од фронт, од битка немало никогаш во славната историја на ВМРО – повлекувањето од дрвената гајба и напуштањето на транспарентите „НЕ“ беше тотална капитулација и сугерираше дека е ставена крај воопшто и на самата идеја за отпор и борба за Македонија преку „НЕ за Бугари во Устав“. И додека паметните пукаа сеир на ова невидено во светската историја брзо капитулирање на дпмне мицковистичко, на некои од белата палата во удобни фотељи и под клима уреди им текнало како да ги лажат кутрите и наивни членови кои се потеа секое попладне за нивното веќе напуштено НЕ. И, ниту помалку ниту повеќе, смислиле „генијална“ идеја за одложно (одложено) важење на „Да“ за Бугари во Устав. Па тоа ниту Макијавели ниту Кисинџер не би можеле да го смислат, таква ајнштајновска идеја, достојна за светските анали на дипломатијата и меѓународната политика! Оттогаш до денес, откако победија на изборите со нивното славно „Не“ за Бугари во Устав или „нема менување на Уставот под бугарски диктат“ – додуше, повремено мораа срамежливо да ја споменат идејата, планот за одложено ДА за Бугари во Устав, веројатно заради Урсула т.е. ЕУ и САД, што се разбира не беше пренесувано во јавноста од нивната пропаганда бидејќи оние што се потеа за НЕ сепак можеа да сфатат дека тоа НЕ станало ДА и да не гласаат за нив – очигледно ја разработиле оваа идеја, бидејќи деновиве и Тимчо и Мицкоски официјално ја потврдија као нивен план за кои, ете, според нивни зборови, дури почнале да добиваат и меѓународна поддршка (?!)
Така заврши уште една сага на квази патриотизмот на мицковистичко дпмне. Каква траекторија – од палење на францускиот-ЕУ предлог и протестни маршеви со НЕ за Бугари во Устав – до ДА, гласање и одложено важење на Бугари во Устав. Ете, толку беше од комитлакот на дпмне мицковистичко кога тие јасно и гласно, за да слушнат сите, до последниот нивен партиски член и симпатизер а посебно оние кои со недели хистерично врескаа НЕ за Бугари во Устав – нивниот лидершип вели ДА за Бугари во Устав! Мунковскиот вресок е нивниот молк денес, на тие што тогаш врескаа НЕ за Бугари во Устав. Изгледа до власта било, до функционерските фотељи, не до Македонштината.
Одложно (одложено) важење е нешто како да имате секс со пенетрација, при што сите ја гледаат пенетрацијата (сексот де) а вие велите – не, не важи, одложено ќе важи пенетрацијата. Така некако шеговито ќе му дојде ова на мицињата со небулозната и комична идеја за Бугари во Устав со одложено важење. Ама такво нешто е метафизички невозможно – дејството е направено во време и простор, и тоа ниту може да се поништи ниту да се одложи во сето негово значење. Како што Еразмо Ротердамски (авторот на „Пофалба на лудоста“) има еднаш напишано, да парафразирам, ниту Господ не може да ја врати девственоста кога еднаш ќе биде загубена. Ако има пенетрација, има – ако нема, нема. А дали секс без пенетрација е секс, останува отворено прашање.
Д-р Тони Науновски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.