22-кратниот Гренд слем шампион, Рафаел Надал излезе на терените во комплексот на Ролан Гарос и учествуваше на тренинг сесија во петокот заедно со соиграчите од Шпанија, Карлос Алкараз, Пабло Карено-Буста и Марсел Гранојерс.
Надал (38) треба да игра во сингл и во двојки на Олимписките игри во Париз, но во четвртокот се појавија извештаи дека тој можеби нема да успее. Неговиот тренер Карлос Моја изјави за новинарите дека 14-кратниот шампион на Отвореното првенство на Франција има болки во бутот и затоа одлучил да одмори.
На денешната сесија под затворениот покрив на „Филип Шатрие“, Надал се појави во завој и одработи целосен тренинг.
Во сингл, Шпанецот треба да игра во првото коло на турнирот со Унгарецот Мартон Фучовиќ, а доколку победи во второто коло може да се соочи со својот голем ривал и број 1 во шемата, Србинот Новак Ѓоковиќ.
Во двојки Надал ќе биде партнер со шампионот на „Ралон Гарос“ и „Вимблдон“ Карлос Алкараз. Во првото коло двајцата ќе играат со Аргентинците Максимо Гонзалес и Андрес Молтени. Според програмата, мечот со Гонзалес и Молтени треба да се одигра во сабота, а најверојатно во недела Надал ќе треба да игра со Фучовиќ.
Рафаел Надал е олимписки шампион во сингл од Игрите во Пекинг во 2008 година и олимписки шампион во двојки од Игрите во Рио де Жанеиро во 2016 година заедно со Марк Лопез.