Критики за свеченото отворање на ОИ: „Единствена светла точка настапот на Селин Дион“

од Vladimir Zorba
119 прегледи

Официјалната церемонија на отворање на Олимписките игри во Париз предизвика критики кај христијаните, кои ја осудија пародијата на сликата „Тајната вечера“ на Леонардо да Винчи, но имаше и други приговори, пишува Дејли мејл.

Според извештаите, критичарите на церемонијата укажале и на технички гафови, а гледачите се пожалиле на слаб звук, кој настанал поради силниот дожд.

Некои гледачи оценија дека настапот на Селин Дион е единствената светла точка, додавајќи дека изведувачите не можеле добро да се слушнат поради дождот.

Се додава дека имало и бизарни сцени, како пејачка облечена како Марија Антоанета ја држи нејзината отсечена глава.

Сепак, најмногу реакции и контроверзии предизвика перформансот, кој беше пародија на сликата „Тајната вечера“ на Леонардо да Винчи.

Во овој настап на мостот на Сена, околу масата се собраа танчери, манекенки, модни икони и трансвестити, а масата служеше и како модна писта.

Настапот го осуди и сопственикот на Tesla и SpaceX, Илон Маск, кој на социјалната мрежа X напиша дека тоа е „крајното непочитување кон христијаните“.

Покрај лошиот квалитет на звукот и некои други технички тешкотии, имаше и други гафови, како на пример кога спортистите од Јужна Кореја беа претставени како Северна Кореја или кога олимпиското знаме беше закачено наопаку.

Поради сето ова, многу корисници на социјалните мрежи изјавија дека само настапот на Селин Дион донекаде го подобрил впечатокот.

Канадската ѕвезда ја затвори церемонијата пеејќи го хитот на Едит Пјаф „”L’Hymne à l’amour“.

Слични содржини