И утрово повторно гужви на двата најфренквентни гранички премини во државата – Табановце и Богородица. Од АМСМ само информираат дека се бележи поголем интензитет на сообраќај на граничните премини, без да се наведе колку време е потребно за да се влезе и излезе од Македонија.
Според камерите на ЈПДП, на ГП „Богородица“ пуштени се три коловозни ленти. На камерата поставена на овој граничен премин, се гледа како возилата споро се придвижуваат за излез од државата. Гужви имаше и во текот на викендот.
На останатите гранични премини, како што информира Авто мото сојузот на Македонија, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.