И СДСМ против идејата за паралелна албанска Академија

од Nikola Popovski
18 прегледи

По ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се против на идејата за формирање на посебна албанска Академија на науките и уметностите, како паралелна институција на постоечката МАНУ. Од партијата на Венко Филипче се децидни дека МАНУ треба да остане единствена институција во која членуваат реномирани научници од сите етнички заедници.

Сепак, од најголемата опозициска партија истакнуват сомнежи, прашувајќи „што ветил премиерот Христијан Мицкоски пред формирањето на Владата во однос на ова барање на ВЛЕН?“.

-Ова не е прв пат ВЛЕН и нејзините лидери да ја споменуваат aлбанската академија како проект, но Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ упорно си молчеа. Кои други барања кои се неприфатливи за мнозинството граѓани Мицкоски ги има одмолчано или ги има тајно прифатено?

Најголемите патриоти Мицкоски и Димитриевски заради комотна позиција во власта изгледа се правеле глуви на овие барања на ВЛЕН, а сега се обидуваат да поентираат со некакво неприфаќање, стои меѓу другото во соопштението на СДСМ.

Од коалицискиот партнер на ВЛЕН – ВМРО-ДПМНЕ вчера излегоа со став дека науката не е нешто кое треба и може да се политизира и етнизира.

-Не’ радува фактот што албанските партии во власта бараат свое место за Албанците во науката, тоа го поздравуваме и покажува разлика од тоа што го правеше ДУИ кои бараа места само во тендерски зделки и при тоа станаа зелена партија. Науката бара посветеност, напорна работа и високи академски стандарди, кои се основа за постигнување на извонредност и иновации. Само преку строгите критериуми и мерила можеме да осигуриме дека најдобрите и најквалификуваните ќе ги водат нашите научни институции и ќе придонесуваат за нашето општество. Затоа, мораме да ги задржиме високите стандарди и да се осигуриме дека нашата Академија на науки останува репрезентативна и престижна, базирана на заслуги и академски достигнувања, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Реакција пристигна и од лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, чија партија исто така е дел од владината коалиција. Според него, станува збор за постизборен популизам кај партнерот „ВЛЕН“, кој објави иницијатива за формирање Академија на науките на Албанците во Македонија.

-Во Македонија постои МАНУ како една и единствена Академија која им припаѓа на сите и никаков паралелизам не е дозволен.

Партнерите во власта од ВЛЕН е потребно да се свртат кон економски раст и развој на државата, подобар живот на сите граѓани на Македонија и суштинска заложба во сузбивање на криминалот и корупцијата вклучувајќи ја и политичката корупција.

За тоа е потребна и понуда на кадри со чисто минато без криминал и опашки, се додава во ставот на Димитриевски.

Слични содржини