Ѓоргиев за „албанската академија“: Штом една партија застане зад одредена идеја, ништо друго не ја води туку остварување на политички поени кај електоратот

од Nikola Popovski
519 прегледи

Не престануваат реакциите во јавноста, но и меѓу академиците од МАНУ откако од коалиција ВЛЕН дојдоа до идеја за формирање на албанска Академија на науките и уметностите, како „двојник“ на веќе постоечката МАНУ. Со свој став и историчарот и академик, Драги Ѓоргиев. Во кратка изјава за „Локално“ истакна дека во текот на денот од Академијата ќе излезат со официјално соопштение по повод предлогот на коалицијата ВЛЕН.

-Апсолутно не ја поддржувам идејата. Несвојствено е да постојат две државни академии во една земја. На академско ниво, албанската заедница е застапена во Академијата и да се бара друга и паралелна академија, не постојат сериозни причини за такво нешто, ни кажа Ѓоргиев.

Според него, несомнено е дека постои политичка позадина бидејќи самата идеја за тоа, барем официјално, ја изнесе политички лидер. Академикот е дециден дека постои политичка позадина и поддршка за таква идеја.

-Штом една партија застане зад одредена идеја, ништо друго не ја води туку остварување на одредени политички поени кај електоратот. Без причина и без добивање за зголемување на својот рејтинг и популарност, една партија не прави ништо. Секогаш тоа го прави за да стане уште популарна и влијателна кај својот електорат и таа идеја сигурно го има и тоа, истакна Ѓоргиев.

Претходно за „Локално“ говореше и неговиот колега од МАНУ, Таки Фити. Порача дека академија не може да се формира врз основа на етички принципи. Како што информира, во јавноста има погрешна перцепција за вработените во МАНУ.

-Во МАНУ, академиците нема статус на вработени, туку вработени во Академијата се административниот и техничкиот персонал во рамки на Секретаријатот и научни соработници со научни звања. Не бегаме од тоа да примиме Албанци, Власи или Турци – проблем е дали луѓето ќе се јават на конкурс. Имавме низа конкурси и ниту еден Албанец не ни се јавил, зборувам за техничкиот персонал. Ако ги исполнува условите и критериумите, сигурно ќе биде примен, нас не не интересира националност, потврдува Фити, додавајќи дека нема да прават компримиси кога станува збор за науката.

Се огласи и премиерот Христијан Мицкоски кој нагласи дека иднината не е во поделби, туку во обединување.

-Ние ја имаме Македонската академија на науките и уметностите, во чии рамки се собрани научниците од различна етничка припадност и треба да работиме во насока на збогатување на научната мисла, тоа е иднината, наведе претседателот на Владата.

Според министерот и еден од лидерите на ВЛЕН, Арбен Таравари, сите идеи кои се однесуваат на науката и уметноста се добри и засега, како што рече, започнале како иницијатива во четири општини, а за понатаму сакаат да најдат решение кое е прифатливо за сите граѓани во земјава.

Како дел од реакциите, денеска со став и вицепремиерот и министер за екологија, Изет Меџити. Вели дека не е доволно тоа што во МАНУ има академици-Албанци.

-По многу дебата и барања, има тројца-четворица академици, но нема ниту еден вработен во МАНУ… ни кафекувар нема. Не може некој да ме убеди дека нема Албанци кои што може да работат во МАНУ, истакна вицепремиерот.

Покрај ВМРО-ДПМНЕ, и СДСМ ја одби идејата за формирање паралелна академија.

Коалицијата „Вреди“ фрли ракавица со најавата за формирање Албанска академија за науките и уметности. Не отстапуваат од решението кое беше во нивната партиска програма, но не стана дел и од владината програма. Според ВЛЕН, во прва фаза академијата ќе добие поддршка од општините, а потоа и од државата, иако Меџити не ја отфрла можноста да се функционира во рамки на МАНУ, под услов, како што вели, Македонската академија на науките и уметностите да ги отвори вратите за академиците Албанци.

Н.П.

Слични содржини