МНР очекува од Бугарија да ја унапреди инфраструктурата на Коридор 8

од Nikola Popovski
36 прегледи

Во однос на железничкиот Коридор 8, Република Северна Македонија е свесна за геостратешкото значење на овој патен коридор и како земја реализира бројни активности за регионално поврзување и завршување на оската Запад-Исток. Во тој контекст, нагласуваме дека во фаза на реализација е изградбата на пругата од Куманово до Бељаковце, што претставува инвестиција од 40 милиони евра. Воедно, истакнуваме дека во фаза на реализација е и изградбата на пругата од Бељаковце до Крива Паланка, што е инвестиција вредна 155 милиони евра. Дополнително, во фаза сме на тендерска постапка за избор на Изведувач за изградба на последната делница од Крива Паланка до граничен премин Деве Баир, пруга која завршува во претпоставен тунел, велат од МНР за транспортните коридори 8 и 10.

Се наведува дека Република Северна Македонија ги превзема и исполни сите обврски од Билатералниот договор од 1993 година за изградба на граничниот премин Берово – Клепало, како и инфраструктурата до граничниот премин.

-Имајќи го предвид горенаведеното, уште еднаш нагласуваме дека Република Северна Македонија ги презема сите неопходни активности за изградба на повеќе крупни регионално – инфраструктурни проекти кои се од споделено стратешко значење за земјава, регионот и Европската унија.

Во таа смисла истакнуваме, дека со цел успешна реализација на ваквите проекти, особено значајно е да постои целосна подготвеност за соработка и од страна на Република Бугарија. Во оваа прилика, искрено очекуваме Република Бугарија да ги преземе сите неопходни активности во насока на унапредување на инфраструктурата на Коридор 8, како и да ги исполни обврските кои произлегуваат од Билатералниот договор од 1993 година за изградба на граничниот премин Берово – Клепало, посочуваат од официјалната македонска дипломатија.

Во соопштението од МНР се додава дека и изградбата на патната и железничката инфраструтруктура во регионални рамки ќе биде успешно реализирана само ако сите земји долж Коридорот 8 континуирано преземаат заеднички активности за нивен развој и модернизација.

-Тоа е наша долготрајна заложба на која посветено работиме и очекуваме еднаков степен на соработка и конструктивност и од останатите инволвирани страни во овој процес, додаваат од МНР.

„Владата на Република Бугарија со зголемена доза на вознемиреност ги следи изјавите на официјални претставници на Република Северна Македонија насочени кон кршење на меѓународните обврски во областа на инфраструктурното поврзување, вклучително и со пренасочување на европските фондови за изградба на железничката компонента од Коридорот 8 за брза пруга на Коридорот 10“. Ова се наведува во ставот на Министерскиот совет на бугарската влада, пренесуваат бугарските медиуми.

Бугарија за внатрешно – политички потреби ја политизира најавата на Владата за пренамената на средствата за изградбата на пругатата кон Бугарија, смета премиерот Христијан Мицкоски. Одлуката вели дека се темели, на чисто инженерски проблем, бидејќи од бугарска страна не постои јасен проект.

Според специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, европскиот транспортен Коридор 8 е од стратешко значење за регионот.

„За време на моите разговори во Софија разбрав дека Бугарија е збунета, но и загрижена од ова барање на Скопје”, вели Сарацин откако министерот за транспорт Александар Николоски побара парите за Коридорот 8 да се пренаменат за Коридорот 10.

Слични содржини