Петличковски: Со оглед на зголемениот број на ковид случаи, најверојатно ќе се обнови забраната за посети во болници

од Илинка Илиоска
950 прегледи

Во периодот од 22 до 28 јули, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) регистрираше 78 нови случаи на ковид од вкупно 263 направени тестови. При секвенционирањето на позитивни примероци на SARS-CoV-2, извршено во одделението за вирусологија при ИЈЗ, откриени се варијантите на Омикрон JN.1 (кај 23 примероци) и XBB (кај 9 примероци). Регистриран е и еден смртен случај, а стотици можеби се заразени без да знаат, бидејќи не се тестирале.

И покрај тоа што пандемијата не е завршена, во Северна Македонија се забележува намалување на примената на мерките за заштита, како што се честото миење на раце и употребата на маски.

д-р Александар Петличковски

д-р Александар Петличковски

„Кај нас сѐ уште е на сила препораката од Комисијата за заразни болести (КЗБ) за забрана на посета во болници, воведена за време на сезоната на грип. Со оглед на зголемениот број на ковид случаи, најверојатно ќе се обнови таа препорака. Иако има зголемен број на прегледи на Инфективната клиника, случаите обично се со поблаги симптоми,“ изјави за Локално директорот на Институтот за имунобиологија, д-р Александар Петличковски, кој е и претседател на Комисијата за заразни болести.

Симптомите на новите видови на ковид вклучуваат назална конгестија или течење на носот, воспалено грло, замор, главоболка, кашлица, губење на вкус и мирис, болки во мускулите или телото, треска, како и гадење или повраќање.

Поради зголемениот број на заразени со коронавирусот, минатата недела Хрватска ги забрани посетите во болниците. Слично, во Србија исто така има зголемен број на позитивни случаи, а вирусот е присутен во сите возрасти.

Експертите потсетуваат дека вакцинацијата останува најдобрата заштита од хоспитализација и смрт поврзана со ковид-19. Вакцинацијата, исто така, ја намалува шансата од долг ковид, кој може да се развие за време или по акутна инфекција и да трае со месеци или подолго.

Од почетокот на ковид пандемијата, заклучно со 28 јули, во Македонија се регистрирани вкупно 350.808 заболени лица и 9.992 починати лица како резултат на болеста.

И.И

Слични содржини