Министерот за правда Игор Филков ја повлекува одлуката за давање на согласност за десеткратно зголемување на нотарската тарифа, која ја донел неговиот претходник Кренар Лога пред да замине од функцијата, информираше денеска на прес-конференција по брифингот со новинарите.
Лога ја потпишал новата тарифа уште во февруари, но Владата дала согласност дури по завршувањето на изборите, иако во соопштенијата по владините седници немаше ваква информација. На 6 јуни, техничката влада дала одобрение, па новите тарифи биле објавени во Службен весник на 11 јуни. Цел процес, како што кажа Филков, бил скриен од јавноста, а за одлуката немало ниту официјални соопштенија, ниту прес конференција.
„Лично сметам дека не смее народот да плаќа десет пати повеќе. Не ја гледам смислата. Исто така, ќе разговараме и со нотарите, сакаме да го слушнеме и нивното мислење. Како што сум информиран, оваа одлука за енормното зголемување била донесена во февруари, но се чекало да поминат изборите. Притоа никој не ја информирал јавноста за ова, односно процесот бил скриен“, рече денеска Филков.
На пример, според досегашната тарифа, за нотарски акти до 100 илјади денари, се плаќаше 800 денари, за акти до 100 до 200 илјади денари нотарската тарифа беше 1200 денари, за акти од 200 до 300 илјади денари се наплаќаше 2000 денари, а ако вредноста беше меѓу 300 илјади и 3 милиони денари, нотарот можеше да добие максимум 8000 денари. Доколку останеше одлуката, од 1-ви септември, за сите акти до 3 милиони денари, односно до 50 илјади евра, граѓаните ќе требапе да платат 8000 денари. Независно дали се работи за предмет во вредност од 500 или од 50 илјади евра, граѓаните ќе требаше да му искешираат на нотарот 8000, наместо досегашните 800 денари.
За составување на еднострани правни акти досега се плаќа 400 денари.