Вицепремиерот и министер за еколонија, Изет Меџити синоќа повторно зборувал за случајот со поранешниот припадник на терористичката ОВК, Блерим Рамадани кој е во екстрадициски притвор со одлука на Основниот суд во Скопје.
Во интервју за косовската телевизија „Т7“, Меџити истакнал дека „прават се што е можно побрзо за да го ослободат“.
„За жал, ја примивме веста. Овде се злоупотребува дека Србија е дел од Интерпол и одвреме-навреме ги активира имињата. Да ја информираме јавноста, ова не е прв случај, во минатото имаше случај со Дуголи, Морина, а за жал се случи и случајот со Блерим. Даваме се од себе прво да биде добро третиран во затвор“, рекол Меџити.
„Се обидуваме побрзо да ја придвижиме правдата бидејќи уште два случаи завршија на Врховниот суд и на крајот тој Суд ги ослободи. Разговараме со Владата на Косово и мислам дека и овој случај ќе заврши исто, со одлука на Врховниот суд“, додал Меџити во интервјуто.
Косовскиот министер за внатрешни работи, Џељаљ Свечља, кој вчера беше во Македонија, се обрати директно до Србија околу случајот со Рамадани.
-Нема да дозволиме криминално барање на трета земја, која што нема законска основа ниту во меѓународното право, да го отежнува слободното движење на нашите граѓани. Што се однесува до екстрадицијата на нашиот граѓанин по барање на Србија, за тој случај има изјава, се произнел и самиот суд во Република Македонија, рече меѓу другото првиот човек на косовската полиција.
Поранешниот припадник на ОВК, баран со српска потерница преку Интерпол е уапсен при влез во земјава на 17-ти јули годинава, потврди МВР. Веста ја објави и косовското Министерство за надворешни работи и дијаспора, од каде појаснуваат дека станува збор за поранешен припадник на оперативната зона Неродиме на ослободителна војска на Косово, но и дека со случајот е запознаен амбасадорот на Косово во земјава.
Рамадани моментално се наоѓа во затворот Шутка во Скопје.