СДСМ беа фатени како ноторно лажат, велат од ВМРО-ДПМНЕ по превидот од „Бихаќка“ со кадровските решенија во МЕПСО

од Nikola Popovski
97 прегледи

Од ВМРО-ДПМНЕ утрово повторно го актуелизираа вчерашниот превид на СДСМ и големата грешка со обвинувањата за новите членови на Надзорниот одбор во МЕПСО.

Партијата на власт ја критикува опозициската партија дека „прво лажат, па потоа се извинуваат, како што лажеа за директорите во МЕПСО, така лажеа и за патувањето на сопругата на Муцунски“.

„СДС вчера беа фатени како ноторно лажат. Наводниот скандал за директори во МЕПСО пукна во голема срам за таа партија, ниту синот на Ѓорѓе Иванов е директор во МЕПСО, ниту сопругата на водителот Богдан Илиевски. СДС виде дека не им помина лагата, и наместо гнев кај народот за ВМРО-ДПМНЕ предизвикаа дополнително гадење од СДС. Во рок од неколку дена СДС се фатени во две огромни лаги, тоа е ефектот од ПР на Рејтинг на Спасов“, се вели во соопштението од партијата на Христијан Мицкоски.

Скандалозното обвинување за партизација на МЕПСО од СДСМ, со блиски луѓе до власта, падна во вода во истиот момент со оглед на тоа дека станува збор за луѓе кои имаат исти лични податоци но различни идентитети.

„Прв и најскандалозен избор е изборот на синот експретседателот Ѓорѓе Иванов, Иван Иванов, за член на надзорниот одбор на МЕПСО. Тој е дипломиран политиколог и нема никаква допирна точка со она што ќе треба да го работи. Понатаму, во МЕПСО е згрижена и сопругата на главниот ТВ-водител и пропагандист на ВМРО-ДПМНЕ, Богдан Илиевски, Анастасија. Човекот кој жолчно ги брани секојдневно политиките на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше водач на насилните протест на 27 април, сега конечно наплатува за своето слепо слугување на партијата“, кажа портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на прес-конференција во партијата.

Одговор експресно стигна од ВМРО-ДПМНЕ со демант дека станува збор за сосема други лица, но со исто име и презиме како посочените на прес-конференцијата на Кузеска.

Синот на екс – претседателот и Илиевска побараа извинување од СДСМ на ист начин како што беа изнесени лагите, а во спротивно правдата ќе ја бараат на суд.

Неколку часа подоцна стигна и извинување од  СДСМ.

„Во морето на информации кои пристигнуваат деновиве до СДСМ за погрешната кадровска политика на ВМРО-ДПМНЕ, пристигната е и нецелосна информација, со што е направена ненамерна грешка со имињата за членови на Управниот одбор односно Надзорниот одбор на МЕПСО. СДСМ како одговорна и принципиелна партија, упатува јавно извинување до споменатите имиња кои не се дел од новите кадровски решенија во МЕПСО, но и до целата јавност“, стоеше во соопштението на партијата на Венко Филипче.

Во соопштението на Министерството за транспорт и врски за смените во МЕПСО не беа посочени биографиите на новиот директор и на назначените членови на Управниот и на Надзорниот одбор и не е соопштено каква „енергетско“ искуство имаат избраните, поради што јавноста нема вистински увид во квалитетот на одлуката.

Министерството за транспорт и врски кое е единствен акционер во АД МЕПСО ги има назначено Јован Лазарев, Зоран Тодоровски, Елизабета Гиовска, Симона Домазетовска Марковска, Агрон Рустеми, Звонко Бошков и Али Исмаиљ за членови на Надзорниот одбор.

Новиот Надзорен одбор на завчерашната седница ги избрал и новите членови на Управниот одбор. Покрај директорот и заменик-директорот, нови членови на Управниот одбор се Сашко Лакински, Васе Јовевски, Анастасија Илиеска, Иван Иванов и Мартин Малиновски.

Слични содржини