ВМРО-ДПМНЕ е единствената партија која намерно и со план во континуитет креира лажни вести. СДСМ од друга страна одржа лекција како се постапува во случај на ненамерна грешка или превид. Сите досегашни информации кои ги објави СДСМ се точни во целост, а ВМРО-ДПМНЕ немаше одговор на ниту една. ВМРО-ДПМНЕ криеше и спинуваше додека конечно не мораа да признаат, велат од партијата во опозиција како реакција на денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Според СДСМ, такви се случаевите со, како што велат, луксузните карти и фамилијарните патувања на премиерот Христијан Мицкоски за САД, за кои обвинуваат дека „ги криеше како змија нозете“.
„Таков е скандалот со министерката Божиновска која исчезна од јавноста откако СДСМ објави дека преку својата компанија должела милион евра на МЕПСО, таков е и скандалот со Игор Јанушев кој на поклон си добил стан од 320.000 евра. Скандалите на ВМРО-ДПМНЕ се нижат од ден во ден и СДСМ ќе продолжи да ги објавува“, стои во целото партиско соопштение.
Претходно од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека СДСМ се фатени како ноторно лажат.
„Наводниот скандал за директори во МЕПСО пукна во голема срам за таа партија, ниту синот на Ѓорѓе Иванов е директор во МЕПСО, ниту сопругата на водителот Богдан Илиевски. СДС виде дека не им помина лагата, и наместо гнев кај народот за ВМРО-ДПМНЕ предизвикаа дополнително гадење од СДС. Во рок од неколку дена СДС се фатени во две огромни лаги, тоа е ефектот од ПР на Рејтинг на Спасов“, се вели во соопштението од партијата на Христијан Мицкоски.