Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски упати порака до Косово, изразувајќи жалење за инцидентот на скопскиот аеродром, каде што вработен во турската компанија ТАВ не дозволил косовската претседателка Вјоса Османи да мине без проверка на нејзиниот телефон и чанта.
Од министерството на Муцунски велат дека дека нема да наседнува на провокации и оставаат можност дека за инцидентот може да биде виновно обезбедувањето на претседателката на Косово и дел од тимот на спикерот Африм Гаши, кои можеби сакале да се одмаздат на вработените во ТАВ.
„Република Македонија и Република Косово одржуваат позитивни и конструктивни билатерални односи и соработка, без отворени прашања и со искрен и континуиран дијалог на сите нивоа и во сите области. Во наведениот контекст, изразуваме жалење за недоразбирањата кои се случија вчера, при патувањето на претседателката на Република Косово, Н.Е. Вјоса Османи, на меѓународниот аеродром во Скопје. Напоменуваме дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија веќе побара информации од сите надлежни институции во врска со вчерашниот настан. По соодветна анализа на собраните податоци во соработка со Министерството за внатрешни работи, ќе бидат преземени сите потребни активности и мерки за да се избегнат вакви или слични ситуации во иднина“, стои во реакцијата на Муцунски.
Косово претходно побара извинување од Муцунски и претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова.
Според Министерството за внатрешни работи, кога претседателката на Косово поминувала на гранична контрола на аеродромот „Скопје“, едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнало вработеното лице од ТАВ за да може претседателката да помине без скенирање на телефонот и рачниот багаж. Иако вработениот бил оттргнат, багажот сепак бил вратен и поминал низ скенер.
Компанијата ТАВ Македонија соопшти дека одделот за обезбедување, постапувајќи во рамките на своите овластувања, спровел стандардна безбедносна проверка на косовската претседателка Вјоса Османи и нејзиниот багаж на пунктот за безбедносна проверка во ВИП-салонот, со цел обезбедување на конкретниот комерцијален лет.
Пратеникот Беким Сали од коалицијата Вреди изјави дека инцидентот со претседателката на Косово на скопскиот аеродром е крајно вознемирувачки и го поврза со проектот за радикализација на ДУИ.
А, од ДУИ велат дека сите експоненти на ВЛЕН имале различни оправдувања за инцидентот, кои биле демантирани од претседателството на Косово, Министерството за внатрешни работи и концесионерот ТАВ.
„Овој скандал мора да се расчисти до крај и веднаш да сносат политичка одговорност нелегитимните узурпатори на институциите, Астрит Исени од МВР и Африм Гаши од Собранието“, истакнуваат од ДУИ.