БАРОМЕТАР НА КОРУПЦИЈА за месец јули 2024 година

од Nikola Popovski
37 прегледи

Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“.

“МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ЈУЛИ 2024 ГОДИНА

Обвинителството истражува двајца кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители – Досиеја за еден поранешен и еден актуелен кандидат на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ се меѓу одземените работи за време на остварениот претрес во оваа институција, соопшти Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Предметот бил отворен „благодарение“ на податоците што обвинителството ги добило од телефонот на осомничениот врховен судија Наќе Георгиев против кого веќе се води случај за кривичното дело „примање награда за против законито влијание“. Анализата на телефонот, како што велат, довела до „сознанија што упатуваат на можно сторување на друго кривично дело“. „Како резултат на тоа, предметниот обвинител со цел да ги испита ваквите индиции оформи предмет со кој достави барање до судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје за одземање на два мобилни телефони од лице вработено во Академијата за судии и јавни обвинители, како и видеозапис и две досиеја за еден поранешен и еден актуелен кандидат на Академијата“, велат од Обвинителството.

Има висок ризик од корупција во многу области во Северна Македонија, вели новиот извештај на ЕК – Независноста на судството и институционалниот капацитет за негова заштита од влијание остануваат сериозна загриженост, нотира извештајот на Европската комисија за владеење на правото во Северна Македонија за 2024 година. Нивото на перцепција за независност на судството е многу ниско и покрај реформите во судството и новата стратегија, која има за цел да ја подобри независноста, ефикасноста и професионалноста на судството. Во него се вели дека е воспоставена сеопфатна национална антикорупциска стратегија, но оти нејзината имплементација заостанува. Високиот ризик од корупција останува распространет во многу области.

Шест пратеници од новиот парламентарен состав не поднеле изјава за имотна состојба до ДКСК – Според податоците на ДКСК шест пратеници воопшто не доставиле изјава. За нив покренато е поведување на прекршочна постапка, вели претседателката на Државната комисија за спречување корупција, Татјана Димитровска.

Заменик-министер во техничката влада донел 189 спорни решенија за распоредување на вработени – Заменик-министер во техничката влада донел 189 решенија за распоредување, со што наводно ги прекршил законските одредби. Државната комисија за спречување на корупцијата планира да покрене судска постапка против поранешниот функционер. Посочениот заменик-министер е Назим Буши, според Димитровска, Буши од 31 мај до 23 јуни 2024 година донел 98 решенија за хоризонтални распоредувања, 68 за унапредување и 23 решенија кои резултирале со намалени основни плати за вработените. Овој период беше одбележан со избор на нова влада.

Ревизорите нижат извештаи, обвинителите отвораат предмети – Од 40 предмети поврзани со ревизорски извештаи, за кои ДЗР пред неполни два месеци барал податоци од Обвинителство, „Онкологија“ е единствениот што е во фаза на истрага, дел се затворени бидејќи немало основ за кривично гонење, а во повеќето сè уште траат проверките. Додека се чека епилог, Обвинителството тврди дека ги разгледува сите извештаи на ревизорите. Јавното претпријатие „Железници – Инфраструктура“, Јавното претпријатие за државни патишта, како и Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, познато како „Македонија пат“, периодов се мета на проверка од скопските обвинители. Овие три институции изминатиот период беа опфатени во извештаите на Државниот завод за ревизија.

“БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ЈУЛИ 2024 ГОДИНА

Кривични пријави против пет лица за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и против две лица за „несовесно работење во службата“ – Единицата за корупција во Секторот за криминалистички истраги при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во соработка со Одделот за криминалистичка полиција на 05.07.2024 до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против: Д.Д.(55), М.Г.(32), М.М.(64), К.В. (58) и А.Д.(29), сите од Скопје, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“, како и З.И.(60) и Б.Б.(51), двајцата од Скопје, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело „несовесно работење во службата“.

Кривична против директорка на државен ученички дом во Битола, ја злоупотребила својата положба и го оштетила Буџетот на МОН – СВР Битола до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против 57-годишната Е.С. од Битола, поради основано сомнение за сторени четири кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, „несовесно работење во службата“, „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“, сите од Кривичниот законик, извести МВР. „Пријавената во својство на одговорно лице, директор на државен ученички дом во Битола ја злоупотребила својата службена положба и овластување и вршела несовесно работење во службата при што во повеќе наврати заедно со поранешниот секретар на домот ја напуштале државата со приватно возило, а во налозите за користење на службеното возило била евидентирана дека е на работа или на службено патување во државата, потоа реализирала повеќе службени патувања во странство со службеното возило заедно со лица кои не биле вработени во домот, без одлуки од Управен одбор за нивно одобрување“, соопшти МВР.

За да не му напишат казна побарале да ги почасти, полицајци снимени како земаат поткуп – Против тројца полицајци од полициската станица ценат се поднесени кривични пријави за примање поткуп, информираше Министерството за вантрешни работи. Тие се сомничат дека на 04.07.2024 околу 23.00 часот на ул.„Даме Груев“ во Скопје, при вршење службени задачи побарале и примиле подарок за себе за да не извршат службено дејствие, односно да не констатираат сообраќаен прекршок и на тој начин го нарушиле угледот на Министерството за внатрешни работи.

Слични содржини