Ризаов: Мицкоски е бледа копија на Вучиќ и Орбан

од Nikola Popovski
132 прегледи

„Последниот обид да се прикријат катастрофалните потези на владата во низа, додека гори од пожари цел месец државата, е дека ДУИ подготвува дестабилизација на Македонија и нарушување на територијалниот интегритет. Завиваат вмровските сирени за тревога и мобилизација. Ечат повици за единство за одбрана на Македонија од лошите Албанци стационирани во ДУИ. Добрите пак Албанци се со власта. Нешто слично како патриотите Македонци и предавниците Македонци. Другите каде и да се и со кого да се, не се битни. Со други зборови, се подготвува граѓанска војна, за потоа да следува задолжителната утешителна порака –  владата и лично Мицкоски нема да го дозволат тоа“, пишува долгогодишниот новинар и колумнист, Ерол Ризаов во својата последна колумна за Дојче Веле на македонски насловена „Каде оди и нè води Мицкоски“.

Ваквото однесување, додава тој, потсетува на однесувањето на српскиот претседател, Александар Вучиќ и унгарскиот премиер, Виктор Орбан.

Сепак, според Ризаов, Мицкоски е само нивна бледа копија и многу брзо по изборите ги заборавил националистичките и нереални ветувања со кои дојде на власт – промена на договорите со Грција и Бугарија.

„Бев убеден дека новата влада и премиерот Христијан Мицкоски по победата на изборите ќе ја применат прагматичната политика на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. За тоа да го направат имаат комотно двотретинско мнозинство во Парламентот. Таа политичка доктрина одамна позната во светот и секогаш актуелна е многу едноставна. Мислев дека така ќе се обидат да ги  неутрализираат големите лаги што со години ѝ беа сервирани на јавноста и Македонија ќе ги продолжи преговорите со ЕУ по брзото усвојување на уставните измени и ќе се постигне неопходниот консензус за спроведување на сложените реформи за членство во ЕУ“, анализира Ризаов.

Слични содржини