Луксузен хотел во Париз јавно и се извини на тениската легенда Серена Вилијамс, откако Американката се пожали на социјалните мрежи дека во понеделникот не и било дозволено да влезе во неговиот ресторан, пренесува агенцијата Ројтерс.
„Ми беше забранет пристапот да вечерам на тераса на празен ресторан и на поубави места, но никогаш со моите деца. За се има прв пат“, напиша 42-годишната поранешна тенисерка.
Четирикратната освојувачка на златен олимписки медал учествуваше на свеченото отворање на Игрите во француската престолнина и беше дел од штафетата со олимпискиот оган. Како и многу познати личности, таа ја поддржа американската гимнастичарка Симон Бајлс од трибините.
Објавата на Вилијамс ја виделе 4 милиони луѓе.
Ресторанот упати официјално извинување до Серена Вилијамс и ја објасни причината за инцидентот.
„Госпоѓо Вилијамс, ве молиме прифатете го нашето најискрено извинување за разочарувањето што го почувствувавте синоќа. За жал, нашиот бар на покривот беше целосно резервиран. Ќе ни биде чест повторно да ви посакаме добредојде. Секогаш сте добредојдени“, рекоа од престижната установа.
Објавата на Серена Вилијамс на социјалните мрежи собра различни реакции. Некои коментатори ја поддржаа, но други го критикуваа однесувањето на познатите во вакви ситуации.
Поранешната број 1 на женскиот тенис беше далеку попозитивна по церемонијата со која започна Олимпијадата.
„Имате ли незаборавен момент? Навистина незаборавен. Од тоа што бев на церемонијата на отворање до пловењето на брод на дожд. Врнеше толку силно што ми паднаа трепките. Беше незаборавно“, напиша таа на платформата X по почетокот на Игрите.