Партијата на Мицкоски објави детали од претходните инциденти на Османи и обвинува дека надлежните тогаш молчеле

од Nikola Popovski
73 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ објави детали за два слични инциденти со косовската претседателка Вјоса Османи кои се случиле на 16 септември и 9 октомври минатата година, исто така на скопскиот аеродром. Обвинуваат дека се прекршувале протоколи и процедури, а надлежните институции тогаш молчеле.

„Еве делови од записникот: ‘По доаѓањето до ВИП секторот, меѓу одговорниот за протоколот на делегацијата и службата за безбедност на аеродромот, дошло до недоразбирање бидејќи истиот, повикувајќи се на дипломатскиот имунитет на претседателката, не се согласил личниот багаж на претседателот на Косово да се провери во скенер’, се наведува во записникот од 16 се септември 2023 година.

Истата ситуација се повторила и на 9 октомври. Косовската страна тврди дека благодарение на дипломатскиот имунитет, багажот на претседателката не треба да се проверува.

„Откако стигнале до ВИП-секторот, на одговорното лице за безбедноста на делегацијата и раководството на протоколот (кој тој ден бил лицето Д.М со матичен број 5785) (од косовската делегација) било кажано дека не се согласуваат личниот багаж на претседателката на Косово да влезе во контролата на скенерот. Причините за тоа се засноваат на дипломатскиот имунитет на претседателката. Од страна на капетанот на летот и претставник на „Кроација ерлајнс“, повикувајќи се на меѓународните стандарди и националната програма за безбедност, истакнато е дека додека не дозволат проверка на багажот, истата нема да биде прифатено на летот“, се наведува во записникот од дата 9 октомври 2023 година. Тогаш МВР молчело, а СДС и ДУИ биле на услуга на кршењето на законите“, стои во партиското соопштение на владеачката ВМРО-ДПМНЕ.

Косовската претседателка никогаш не побарала пречекорување или прекршување на процедурите, туку почитување на меѓународните правила, како што се прави во целиот свет, се вели во соопштението од кабинетот на Вјоса Османи кое беше објавено вчера. Се додава дека за жалење е начинот на кој беше „решен“ инцидентот во Скопје на завчерашната прес-конференција на Мицкоски и Курти и се оценува дека тоа само придонесува за уште повеќе пропаганда и оцрнување на Косово.

„Во текот на нејзината политичка кариера, а особено за време на нејзиниот мандат како претседател на државата, претседателката Османи придонесе за развој и продлабочување на позитивните односи со Северна Македонија. Но, таа никако не може да го прифати оцрнувањето на Косово. Оваа состојба лесно може да се надмине доколку се има политичка волја на официјално Скопје“, се вели во соопштението од Кабинетот на Османи.

„Она што се случи на аеродромот во Скопје е јасно прекршување на меѓународните правила признати и применети во светот, па затоа претседателството очекува да биде информирано за мерките што се преземаат во врска со овие прекршувања, како што е посочено во протестната нота испратена од Косово“ се вели во соопштението од косовското претседателство.

Се додава дека институциите на Северна Македонија се уште не се занимавале со прашањата покренати во протестната нота на Косово.

Во соопштението од тамошното претседателство се наведува и списокот на десетици земји кои Османи ги посетила без проблем за време на нејзиниот мандат.

-Според Уставот на Косово, претседателот ја претставува државата одвнатре и однадвор. И покрај екстремно строгите безбедносни правила на аеродромите во огромното мнозинство од овие земји, тие го прифаќаат шефот на државата како највисок претставник на државата и никогаш не бараат да се скенира ниту лична торба, а камоли телефон или скенирање на телото бидејќи, меѓу другото, тоа би значело дека шефот на државата, а со тоа и земјата се третира како потенцијален ризик од тероризам“, нагласуваат од прес-службата на косовската претседателка.

Објаснето е дека во секоја земја во која патува претседателката, не е претседателот кој го бара овој третман, туку тој автоматски го обезбедува земјата домаќин, врз основа на известувањето на амбасадата за патувањето на претседателот и врз основа на меѓународното обичајно право, кое е обврзувачко за сите земји.

Заклучено е дека извештајот на претседателството и косовската полиција за „невидениот инцидент на скопскиот аеродром“ е финализиран и ќе биде достапен за неколку дена.

Од СДСМ денеска обвинија дека „малку требаше за премиерот Мицкоски да си ги погази своите ветувања дека секој функционер кој се огрешил ќе одговара“. Обвинуваат дека тоа ќе важи изгледа само за обичните граѓани, но не и за политичарите од неговата коалиција.

-Мицкоски коленичи пред Гаши и ова е жално за гледање. Ниту СДСМ ниту било кој друг не напиша јасно во полицискиот извештај дека е издадена „незаконска наредба од страна на Претседателот на Собранието“, стои меѓу другото во реакцијата од „Бихаќка“ за одговорноста околу инцидентот на аеродромот „Скопје“.

Слични содржини