За смртта на слоницата во скопската Зоолошка градина се огласија и од ВМРО-ДПМНЕ. Членот на партијата, Стефан Кирков смета дека оваа катастрофа е резултат на лошото работење на градоначалничката Данела Арсовска. Тој воедно побара и оставка од „градската мајка“.
-Ги повикуваме надлежните институции веднаш да го испитаат работењето на директорот на Скопската зоолошка градина и на градоначалничката на Скопје. Мора да се утврди како биле третирани животните и дали биле почитувани сите закони за благосостојба на животните.
Не може да се премине преку фактот дека слоницата, најголемата атракција на зоолошката градина, тајно е носена замислете од Скопската золошка градина до скопската депонија, со намера да се сокрие нејзината смрт. Каков ум е тоа што мисли дека ќе скрие смрт на слон? Ова е чин на непочитување и отворено криминално однесување.
Ја повикуваме градоначалничката на Скопје и од неа поставениот директор Зоран Попов да пристапат одговорно кон ова злосторство врз Скопје и скопјани. Нивното срамно и неспособно раководење доведе до оваа трагична ситуација и тие мора да одговараат пред јавноста и пред законот, рече меѓу другото Кирков во своето обраќање.
Со став излегоа и од СДСМ. Го вперија прстот во ВМРО-ДПМНЕ и градската администрација.
-Страшно и жално е тоа што се случува во скопската Зоолошка градина. Местото кое до пред три години беше на сите насловни страници во светсите медиуми, кое беше пример за добар менаџмент и грижа за животните, ВМРО-ДПМНЕ и нивната најдобра менаџерка Данела го претворија во хорор филм, порачуваат од „Бихаќка“.
Вчера во скопската Зоолошка градина угина слоницата Дуња, која беше донесена во 2018 година.
-Слоницата имаше околу 60 години, а слоновите во просек живеат толку. Дуња имаше повеќе болести и дојде лекарски тим од Белгија за да ја прегледа, по што решија дека е подобро да се изврши евтаназија, соопштија од Зоолошката.