Министерката за образование и наука, Весна Јаневска информира дека нема да има пролетен распуст за учениците во наредната учебна година. Финалните анкети на родителите покажале дека тие не сакаат, но истото го мислат и повозрасните ученици.
-Оваа година пролетен распуст нема да има, кажа Јаневска во изјава за медиумите, додавајќи дека учебната година ќе започне на 2-ри септември, понеделник.
На прашањето дали во МОН се разгледува друга можност за краток одмор на учениците, Јаневска вели дека во моментов нема такво нешто.
-Направивме легитимна анкета и граѓаните ги кажаа своите потреби, додаде министерката.
Претходно од МОН објавија анкета за тоа дали е потребно организирање на пролетен распуст.
„Со оглед на различните ставови во јавноста по однос на пролетниот распуст во основното и средното образование минатата учебна година, а со цел на транспарентен начин да се одлучи дали да се организира и во учебната 2024/2025, министерството испрати прашалник до училиштата, а истиот е достапен и за целата јавност на следниот линк, со цел сите засегнати – наставници, ученици, родители/старатели да го дадат своето лично мислење“, се посочуваше во информацијата на ресорното министерство.
Претходната учебна година, основците и средните училишта од понеделник 29 април до 6 мај беа на пролетен распуст. За прв пат имаше промена и во училишниот календар, па така 2023/2024 година за основците заврши на 17 јуни, додека за средношколците, како и изминатите години, на 10 јуни.