Стано: ЕУ не би поддржала нешто во Србија што е спротивно на еколошките стандарди

од Vladimir Zorba
24 прегледи

Портпаролот на Европската комисија, Петер Стано изјави дека Европската унија нема да поддржи нешто во Србија што е спротивно на еколошките стандарди на Унијата.

Стано изјави за N1 дека ЕУ е свесна за сета нелагодност што се појави кај дел од населението во врска со литиумот, за проектот Јадар, но тој посочи дека ЕУ е заедница со веројатно највисоките стандарди во светот во однос на животна средина, чисто производство, чиста енергија, чисто рециклирање и рехабилитација на животната средина.

– Тоа се европски стандарди. И сè што правиме со Србија се води според тие стандарди, бидејќи Србија има обврска да ги усвои тие стандарди во текот на пристапниот процес – изјави Стано.

Според него, пораката на потпретседателот на Европската комисија, Милош Шевчовиќ, кога престојувал во Србија за да го потпише Меморандумот за разбирање меѓу ЕУ и Србија за стратешкото партнерство за одржливи суровини, била јасна, а основата на меморандумот за стратешко партнерство е создавање рамка, поставување стандарди.

– И ние нема да се откажеме од стандардите. Затоа, се што се прави во Србија мора да се прави според тие стандарди и со почитување на тие стандарди. Се разбира, не сме вклучени во конкретен проект. Тоа зависи од националните власти – рече Стано.

Како што наведе, улогата на националните власти е да се погрижат овие стандарди да се постигнат и почитуваат, како и да водат дијалог со засегнатото население, за на сите да им биде удобно и да знаат што им носи.

– Можноста за одржување на стандардите ја гледаме во сето она што во моментов се работи. Но, секако, тоа е улогата на владата. Ја гледаме и можноста заедницата да има корист од сето тоа во однос на работните места, инвестициите, економскиот раст, а во исто време амбиентот да се одржува на ниво каде што е, можеби дури и да се подобрува – рече Стано.

Слични содржини