Левица обвинува дека носењето на Законот за урбанистичко планирање, во скратена постапка, без консултација со експертите и за време на летен одмор само отвора сомнежи во чиј интерес се предложените измени. Од партијата наведуваат дека дел од измените кои се предлагаат во новото законско решение предвидуваат бришење на обврската за обезбедување урбанистичка согласност, без да се земат во предвид последиците од укинувањето на ваквата законска обврска.
-Понатаму, се брише обврската од актуелниот закон за започнување на постапка за носење НОВИ урбанистички планови и документации, кои претходно не биле усогласени согласно Закон, со што владата на Мицкоски наместо да го стимулира урбанистичкото планирање, дефакто создава дополнителен урбанистички хаос. Недозволиво е делови од Републиката да немаат нови урбанистички документации, донесени согласно новите параметри.
Со оглед на тоа што урбанистичкото планирање е обврска на општините, кои со години го пролонгираат овој процес, се чини дека тенденцијата на власта на ДПМНЕ е да ги “ослободи” своите градоначалници од оваа суштинска обврска за воведување урбанистички ред и планско организирање на јавниот простор, велат меѓу другото од партијата.
Од Левица бараат од предлагачот – министерот Александар Николоски да ги повлече овие измени и да иницира широка расправа, во консултација со ескпертската јавност.
-Во услови кога урбанистичкиот хаос, узурпацијата на јавниот простор и дивеењето на градежната мафија се секојдневни проблеми на граѓаните, шверцување на ваквите измени во скратена постапка би значело дека оваа влада одработува за други интереси – а, не за интересите на обичниот граѓанин, стои во апелот на партијата на Димитар Апасиев.
Во врска со измените на Законот, вчера од Министерството за транспорт и врски ја информира јавноста дека овие измени кои се предлагаат се исклучиво во интерес на граѓаните и општините за поефикасна реализација на капитални проекти и придвижување на економијата во целина. Ова следува од еколошката организација „О2 Иницијатива“ предупредија дека повторно се случува исто сценарио како во минатото, односно обид за експресни измени во Законот за урбанистичко планирање и тоа за време на летните одмори. Ги повикуваат сите пратеници да не ги гласаат измените и да бараат истите да бидат отстранети од предлог-законот.
Поради бројните проблеми, истакнуваат од Министерството на чие чело е министерот Николоски, со кои се соочуваа граѓаните и општините при носењето на урбанистички планови каде што јавниот интерес беше подеднакво третиран со приватниот интерес и често пати беше заложник на приватните интереси, со измените на Законот за прв пат во државава, јавниот интерес го ставаме во прв план.
-Основна цел на измените е да се поедностават постапките во однос на донесување на урбанистичките планови наменети за изградба на објекти од јавен интерес односно за изградба на градинки, училишта болници и останати објекти од социјална и здравствена заштита, како и катни гаражи со цел решавање на сообраќајниот хаос, посочуваат од ресорот Транспорт и врски.