Владата ја разреши Верзиволи и го постави Арбен Рамадани за главен ревизор на ИПА фондовите

од Nikola Popovski
52 прегледи

Владата на денешната 11-та седница донела неколку кадровски одлуки. Афрона Верзиволи е разрешена од должноста вршител на должноста главен резизор на Резизорско тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош.

На нејзино место, Aрбен Рамадани се именува за в.д. главен ревизор на Резизорското тело.

-Тој е самостоен ревизор во Секторот за унапредување на ревизијата. Непосредно учествува во изработка на стратешки документи, краткорочни и долгорочни стратешки планови во однос на развој на Ревизорско тело и ревизијата и ја следи примената и врши следење на нивното спроведување. Работел и како виш ревизор во секторот за ревизија на ИПА областа, појаснуваат од Владата.

Исто така на владината седница, донесена е одлука и Иван Игњатов да се именува за в.д. заменик на главниот ревизор на Резизорско тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош. Тој е Доктор на економски науки на тема „Развој на систем за ревизија и контрола за ефикасно користење на фондовите на ЕУ“.

Од „Илинденска бр.2“ вчера потсетија за неправилности со располагањето на европските фондови на претходната власт.

„Ја известуваме јавноста дека назначената Афрона Вервизоли во текот на утрешниот ден ќе биде разрешена од местото ревизор на ИПА фондовите. Воедно посочуваме дека е потребно и вниманието да се насочи кон отворените злоупотреби на парите од ЕУ и фондовите ставени на располагање кои беа присутни во изминатиов период, а за кој постои и пишан траг и нотификација од Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) кои поради таквото работење побаруваат од државата исплата на неколку милиони евра“, соопшти Владата.

Опозициската СДСМ реагираше за кадровското решение, Верзиволи да биде ревизор на ИПА фондовите. Според социјалдемократите, Верзиволи не била соодветно квалификувана, а со новоназначената позиција имала голем скок во кариерата.

„Според достапните информации, Вервизоли работела на шалтер во банка, а сега ќе треба да биде главен ревизор на претпристапната помош во ЕУ. Ваков напредок во кариерата е можен само во Владата на Мицкоски, а кои се причините, должен е да каже тој“, велат од СДСМ.

Од коалицијата ВЛЕН, којашто ја предложи, велат дека таа е само привремено заменета додека не го добие потребниот сертификат. Дополнително, од ВЛЕН нагласуваат дека таа ќе биде привремено заменета со друг нивен кадар.

„Иако Вервизоли има одлично CV и значително професионално искуство, донесовме одлука таа да биде привремено заменета со друг кадар од нашите редови. Оваа одлука е направена со цел да се осигури дека сите строги стандарди и барања на Европската Унија ќе бидат целосно исполнети, додека Афрона ја заврши својата обврска со добивање на сертификатот“, велат од здружената коалиција.

За нејзиното назначување реагираше и Делегацијата на ЕУ во Скопје, која најави дека ќе го преиспита ова назначување, бидејќи се однесуваа на контрола на користењето на проекти и активности финансирани од ЕУ во Македонија.

Слични содржини