ЗНАМ со жестоки критики кон ВРЕДИ и ДУИ: „Македонците повеќе нема да бидат граѓани од втор ред”

од Илинка Илиоска
1,3K прегледи

Движењето ЗНАМ-За наша Македонија објави реакција во која го изразува своето незадоволство од однесувањето на коалицијата ВРЕДИ (ВЛЕН) и функционерите на ДУИ, критикувајќи го нивното непочитување на законите и Уставот на Македонија.

„Во целост го разбираме однесувањето на колегите од ВРЕДИ кога е во прашање спроведувањето на законите во Македонија. Понесени од досегашното самовластие на функционерите на ДУИ во институциите на македонската држава, овозможени од вазалската и неспособна власт на СДСМ, тие продолжуваат по истиот терк, демонстрирајќи моќ од позиција на власт преку прекршување на законите и Уставот на Македонија,“ стои во реакцијата на движењето.

ЗНАМ истакнува дека нивниот прв принцип е функционирање врз основа на почитување на Уставот и законите и дека секогаш ќе реагираат кога ќе има прекршување на истите. Дополнително, во врска со прашањата со етничките заедници во Македонија, од движењето нагласуваат дека „тие се апсолвирани преку целосната имплементација на Охридскиот Рамковен договор.“

Движењето исто така ја отфрла идејата за Македонија како бинационална држава и критички се осврнува на коалицијата ВРЕДИ. „Треба да престане наративот од коалицијата ВРЕДИ дека Македонија е бинационална држава во која живеат две мнозинства и повеќе малцинства, како и тенденцијата на креирање на паралелни квази институции,“ се наведува во соопштението.

Во однос на изјавите на претставници на албанската етничка заедница, Движењето ЗНАМ го посочува претседателот на ДУИ, Али Ахмети, како една од главните фигури одговорни за состојбите во Македонија.

 

„Еден од најголемите соработници на КОС во бивша Југославија, Али Ахмети, да не се секира за опстанокот на македонскиот народ, најголем гарант за тоа се Македонците каде и да се’. Наместо да отвара навредувачки и националистички теми денеска кога државата се стреми кон ЕУ, нека се потруди да си го исчисти дворот во партијата од корупција и криминалот на својата фамилија,“ велат од ЗНАМ.

Движењето ЗНАМ исто така ги критикува изјавите на потпретседателот на владата, Изет Меџити, кој го обвини движењето за национализам и антиалбанска доктрина. „Господинот Меџити предолг период беше во редовите на ДУИ, време е да излезе од таа матрица. Очигледно е дека идол му е Али Ахмети, наша препорака е да си остане само Изет,“ реагираат од движењето, додавајќи дека истакнувањето на знамињата на етничките заедници е уредено со закон и никој не е над законот.

На крајот, Движењето ЗНАМ испрати порака до ВРЕДИ и ДУИ дека Македонците никогаш повеќе нема да се чувствуваат како граѓани од втор ред во сопствената држава, истакнувајќи дека тие се гарантот за тоа. „Нека се договорат кој од претседателите на партиите во ВРЕДИ го кажува официјалниот став на нивната коалиција, затоа што вака делуваат како раштимуван оркестар без диригент,“ порачуваат од ЗНАМ.

Слични содржини