Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз изјави дека мечот кој го одиграл против Французинот Гаел Монфис во второто коло на Мастерс турнирот во Синсинати бил најлошиот во неговата кариера.
„Ова беше доста непријатно за мене. Ова беше најлошиот натпревар што сум го одиграл во кариерата“, изјави Алкараз на прес-конференцијата, по поразот од Монфис.
Шпанскиот тенисер изјави дека се чувствува добро пред почетокот на турнирот.
„Тренирав многу добро пред почетокот на турнирот, се чувствував прилично добро претходните денови, чисто ја удирав топката, одлично се движев. Очекував да покажам добар тенис, бидејќи научив како да играм на оваа подлога“, додаде Алкараз.
Тој оцени дека подлогата на Централниот терен е различна во однос на другите терени.
„Знам да играм на оваа подлога, но излегува дека тоа е сосема друга подлога, сосема поинаков спорт. Искрено, играњето на Централниот терен во споредба со другите терени. Топките одеа многу побрзо на Централниот, отскокнуваа многу повеќе отколку на другите терени“, вели шпанскиот тенисер.
Алкараз додаде дека ќе се труди да победи на секој следен турнир на кој ќе учествува.
„Мојот начин на размислување останува ист, подготвен сум да победам на секој турнир на кој ќе се појавам“, изјави Алкараз.
Шпанскиот тенисер минатата година во финалето беше поразен од Новак Ѓоковиќ.