Трајчулески: Пуштањето на Рамадани го коориднирал Наум Рамука, началник на северната граница поставен од Тошковски

од Илинка Илиоска
66 прегледи

„Како што вчера објавивме и според информациите до кои дојде СДСМ, на 10.8. додека Блерим Рамадани требало да биде во куќен притвор, тој всушност бил на Косово. За неговиот транспорт до Косово бил задолжен ни помалку ни повеќе, туку Началникот на северната граница со Косово, Наим Рамука. Човек кој е неодамна поставен на оваа позиција од Тошковски“ изјави пратеникот од СДСМ, Митко Трајчулески на прес-конференција.

Тој објасни дека Рамука со возило Рено го зел Рамадани од живеалиштето каде што бил во куќен притвор и се упатиле кон границата со Косово кај Блаце и во 18 часот и 40 минути поминале по лентата за товарен сообраќај, без никаква контрола, а вечерта Рамука и Рамадани на ист начин се вратиле назад.

„На 14.08., четири дена подоцна, односно на денот кога Рамадани официјално ја напушта државата, преку границата го носи друго лице. За транспорт, овој пат со возило марка Фолксваген Пасат и скопски регистарски таблички, е задолжено лице вработено во општина Чаир како раководител. Ова лице и Блерим Рамадани на границата со Блаце биле пропуштени од раководителот на смена без контрола, кој пак добил директна наредба да ги пропушти од погодете кој, Наим Рамука“ кажа Трајчулески.

Тој додаде дека раководителот од општина Чаир го оставил Рамадани во Косово и се вратил назад, поминувајќи ја границата без никаков документ.

„Прашуваме, што правел Тошковски и полицијата додека со часови Рамадани бил надвор од државата? Како е тука виновен било кој друг освен МВР што криминалец баран со меѓународна потерница, се шета преку границата кога сака и како сака. Има ли поголем доказ дека ова е акција на МВР со коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ за да се пушти Рамадани на слобода?“ праша Трајчулески.

Тој додаде дека СДСМ бара ОЈО веднаш да отвори постапка за организирано пуштање на слобода на затвореник од страна на лица вработени во МВР и Општина Чаир, да се истражи кој се учествувал во пуштањето на Рамадани и да се покренат постапки против сите.

„Бараме Тошковски итно да поднесе оставка, а пред тоа да го направи, да ги разреши сите кои тој ги поставил на границата со Косово почнувајќи од Наим Рамука кој се однесува како шериф на границата. Секако, Рамука ова не би го правел без амин од Тошковски, затоа двајцата мора да заминат. Му порачуваме да не се обидуваат преку жртвени јагниња од пониските ешалони да ја покриваат својата одговорност“ рече Трајчулески, кој исто така побара декласификација на камерите и снимките од границата за јавноста да ги види и да не се крие вистината.

Слични содржини