Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, остро го критикуваше Христијан Мицкоски и неговата влада, истакнувајќи дека додека владата на СДСМ во време на најголемите здравствени и економски кризи успеала да покачува плати, „Христијан Мицкоски и неговата Влада само покажуваат колку се неспособни, бидејќи не можат да се справат со предизвиците.”
Филипче ја обвини актуелната влада дека политизирањето на барањата на синдикатите од страна на Мицкоски е навреда не само за синдикатите, туку и за сите работници во Македонија.
„Сметам дека тоа е обид да се дефокусира вниманието на граѓаните и на јавноста од навистина големите скандали коишто се случуваат веќе на почетокот на работата на владата – би рекол една ужасна неспособност од страна на Мицкоски да се справи со сите предизвици,“ изјави тој.
Филипче нагласи дека „ако Владата на СДСМ можеше да најде пари во најголемите кризи – во Ковид кризата, енергетската криза и во време на војната во Украина – приказни за мали деца се тврдењата дека во буџетот нема пари за зголемување на платите.“
Тој потсети дека за време на седумгодишното владеење на СДСМ, Владата работела во интерес на работниците.
„Ние покажавме што значи вистински да се мисли на работниците, да се зголемува нивниот стандард и квалитет на живеење. Владата на ВМРО-ДПМНЕ, пак, уште на почетокот покажа дека не само што нема да го зголеми квалитетот на животот, туку напротив, ќе го намали, бидејќи не може да најде пари за зголемување на платите коешто сите го очекуваат,“ изјави Филипче.
Според него, оваа влада на ВМРО-ДПМНЕ не може да се снајде во овие услови кога нема некаква криза.
„Што да мислиме ако не дај Боже повторно стане некоја криза. Што ќе биде со државата ако ВМРО-ДПМНЕ ги води Владата и државата во време на криза, веројатно некој ‘гејм овер“, рече Филипче.