Напаѓачот Хари Кејн ја доби „Златната копачка“ за најдобар голгетер во Европа и рече дека сака да освојува трофеи со Баерн Минхен.
Кејн постигна 44 гола во сите натпреварувања во својата дебитантска сезона за германскиот тим, од кои 36 во Бундеслигата, но Баерн забележа прва сезона без титула од 2012 година и покрај голгетерските способности на капитенот на Англија.
Англичанецот на церемонијата во музејот на клубот во Минхен изјави дека се надева дека тоа ќе се промени во новата кампања.
„Сакам да го продолжам начинот на кој започнав минатата сезона, но најважно е да освојуваме трофеи. Сакаме да имаме успех како тим. Се чувствувам многу добро и се радувам на новата сезона. Чувствувам нова енергија и едвај чекам да видам што ќе донесе“, додаде напаѓачот.
Кејн допрва треба да освои голем клупски трофеј во кариерата. Тој пристигна лани за 100 милиони евра од Тотенхем и стана третиот играч на Баерн кој ја освоил „Златната копачка“, по Герд Мулер и Роберт Левандовски.
„Отсекогаш сум сонувал да играм фудбал на највисоко ниво. Да се споменува моето заедно со овие имиња е многу посебно. Секогаш размислувам како можам да му помогнам на тимот. Чувството е фантастично! Можам само да им се заблагодарам на клубот, на моите соиграчи. Наградата е за сите – без нив немаше да бидам тука сега“, додаде англискиот репрезентативец.
Извршниот директор на Баерн, Јан-Кристијан Дрисен рече дека Кејн „беспрекорно се вклопил меѓу големите стрелци“ во клубот и дека е „многу вреден, исто така и за Бундеслигата, која е поатрактивна поради него“.
„Хари е напаѓач од 360 степени, играч кој мисли многу за своите соиграчи. Кејн е повеќе од стрелец, тој е лидер, пример и се жртвува за тимот. Тој ги освои срцата на нашите навивачи“, додаде Дрисен.
Наградата „Златна копачка“ се доделува од 1968 година. Рекордер по бројот на награди е напаѓачот на Интер Мајами, Лионел Меси, кој ја освои шест пати.