Според вестите кои доаѓаат од Италија, Тами Абрахам наскоро би требало да го облече дресот на „росонерите“, додека Алексис Салемакерс да замине во Рим.
Според Матео Морето од „Релево“, преговорите меѓу двете страни се во завршна фаза и наскоро се очекува размената да биде официјална.
Споменатиот извор наведува дека Милан заедно со Салемакерс ќе и плати на Рома и сума од 10.000.000 евра за англискиот напаѓач кој поради повреда ја пропушти речиси целата претходна сезона.
„Волчицата“ летово на позицијата центарфор го ангажираше најдобриот стрелец на шпанската Примера, Артем Довбик, кој ќе биде примарна опција на „џалоросите“ во врвот на нападот. Така, нема да има повеќе простор за Абрахам како порано.
Од друга страна Салемакерс, кој може да одговара на задачи на неколку позиции во офанзивниот дел на тимот, минатата сезона забележа 32 настапи за „росонерите“ во сите натпреварувања и забележа учинок од четири гола и три асистенции.