Алкараз по сензационалното испаѓање од УС Опен: Сето ова е школо за мене и ќе научам нешто

од Vladimir Zorba
31 прегледи

Сензацијата на УС Опен, првиот фаворит според букмејкерите, Шпанецот Карлос Алкарас е елиминиран во 2. коло од Холанѓанецот Борик ван де Зандшулп.

„Тој беше неверојатен. Воопшто не ми даде поени, не ги правеше грешките што ги очекував. Како тоа да ме поремети. Моето ниво беше постојано исто, а тоа не беше доволно за да си дадам себеси шанса за победа. Направив многу грешки, не ја удирав добро топката. Кога се обидов да се вратам, веќе беше доцна“, изјави тој по мечот.

Третиот тенисер во светот, сепак, забележува дека најголемата пресметка ја имал за време на мечот со самиот себе.

„Тоа беше борба со себе, во мојот ум за време на натпреварот. Во тенисот играш против некој кој го сака истото како тебе, да победи и треба да бидеш максимално смирен за да размислуваш подобро и да се трудиш да правиш добри работи. Денеска играв против моите ривали и играв против себе, во мојот ум. Многу емоции кои не можев да ги контролирам“.

Шпанецот летово ги освои Ролан Гарос и Вимблдон, а потоа загуби од Новак Ѓоковиќ во финалето на олимпискиот турнир во Париз.

„Поразот од Новак воопшто не ме поремети пред да дојдам овде. Се чувствував лошо еден час по натпреварот, а потоа бев горд бидејќи донесов сребро за мојата земја. Мислам дека најголемиот проблем беше што психички не се подготвив добро за овој турнир, немав време. Сепак, сето ова е школо и од ова ќе научам нешто“, заклучи Алкараз.

Слични содржини