Јаневска: Безобразно е оние кои не обезбедија средства за плати на наставниците, да ги повикуваат на протести за нивно покачување

од Илинка Илиоска
40 прегледи

Министерката за образование и наука Весна Јаневска смета дека наставниците се во право и си ги бараат и бранат своите права. Целосно, како што вели, застанува на нивна страна. Зголемување на платите и за наставниците и за сите други се планира за следната година штом, како што рече, државата ќе може да го издржи товарот. Денешниот протест на наставниците, според неа, го организира партија, која кога била власт, не обезбедила средства ниту за исплата на плати, а не пак за нивно покачување.

– Недолично е, дозволите да употребам збор, безобразно е, по само два месеца власта која не обезбеди доволно пари да се исплатат платите ги повикува наставниците на протест за нивно покажување. Ние обезбедивме огромни средства да им ги исплатиме платите. Оттука сметам дека ова е крајна манипулација на наставниците кои до само пред два месеца ги водеа, рече Јаневска.

Според неа, ставот за платите на наставниците го соопштила неколку пати во јавноста, а тоа е дека покачување се предвидува во 2025 година.

– Годинава, поради огромната наследена дупка во буџетот на МОН во износ од 5 милијарди денари, немаме можност веднаш да реагираме. Со ребалансот месецов, обезбедивме средства за нормален тек на исплатата на постојните права за кои немаше пари, за исплата на стипендии, субвенциониран оброк, превоз, плати во образованието, освоени награди и така таму. Сосема е разбирливо дека наставниците се во право, тие си ги бараат и бранат своите права и целосно застанувам на нивна страна. Апелирам, да издржиме краток период и заедно да ја пребродиме кризата која е резултат на лошото и несовесно менаџирање  на парите од претходното раководство и уверувам дека сé ќе биде подобро за неколку месеци, рече министерката Јаневска на прес-сконференција.

Социјалниот дијалог, најави таа, продолжува.

– Во првиот момент кога ќе може државата да го издржи товарот на покачувањето на платите не само на наставниците и на другите, ние тоа ќе го направиме, рече таа.

Денеска пред Министерството за образование и наука се одржа протест организиран од страна на СДСМ под слоганот „Немате оправдувања, покачете ги платите“.

Од протестот се оградија од Самостојниот синдикат за образование и наука (СОНК).

Слични содржини